Избор Спорт

Финале на летната серија трки „Beach Run 2016“ во Охрид

Охрид, 30. јули 2016 (ОХРИДПРЕС) – Утре во Охрид ќе се трча финалната петта трка од летната серија трки на плажа низ Македонија „Beach Run 2016“. Стартот е закажан за 11:00 часот на плажата и терените за одбојка на песок познати како „Бафало бич“.

Организатор е Здружението за спорт и рекреација „Прв до врв“ од Скопје, а на трките, кои се дел од серијата „Beach Run 2016“ може да учествуваат сите оние кои го сакаат трчањето. Може да се учествува на сите, на неколку или на една трка. Остварениот резултат на секоја од трките носи соодветен број на бодови, според кои се формира табела со резултати, чиј финален изглед ќе ги даде победниците на летната лига во трчање на пет километри.

За победниците на секоја од трките и на целата лига е обезбеден паричен награден фонд од 1.000 евра и врвна спортска опрема за трчање од производителот Најки.

– Настанот има за цел да го популаризира активниот спортски живот и трчањето во летниот период, кога луѓето се обично на одмор и на плажа. Серијата „Beach Run 2016“ го става трчањето во контекст на плажата и можностите за спорт и рекреација што таа ги нуди. Токму затоа во серијата се застапени петте најпопуларни дестинации покрај вода во Македонија, информираат од Здружението „Прв до врв“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави