Избор Охрид

15 години од потпишувањето на Охридскиот Рамковен договор

Охрид/Скопје, 13. август 2016 (ОХРИДПРЕС) – Денес се навршуваат 15 години од потпишувањето на Рамковниот договор, датум кој е поклопен од актуелните политички превирања во земјава – во очекување да бидат закажани предвремените парламентарни избори, а деновиве и од поплавите што го зафатија скопскиот регион.

Поради тоа се најавува само симболично одбележување на оваа годишнина на договорот од Охрид. Денеска на Попова Шапка ќе се одржи работна конференција на тема „Охридски договор – предизвик и гаранција за интеграција“. На настанот се поканети претседатели на партии, амбасадори, функционери во извршната и во законодавната власт, како и поранешните лидери на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ Бранко Црвенковски и Љупчо Георгиевски, како потписници на договорот, но нивното присуство е неизвесно. Најавено е учество и обраќање на дипломатот Питер Фејт од Европскиот институт за мир, кој беше присутен во земјава и во кризната 2001 година.

Во тоа време, политичкиот договор за надминување на безбедносната криза беше дочекан со многу поделени оцени и емоции. Во годините потоа, сепак, се спроведоа најголем дел од неговите одредби, а односите меѓу етничките заедници во земјава се вратија во колосек, со исклучок на повремени помали или поголеми искричења, во најголем дел поттикнати од несогласувања меѓу коалициските партнери на власт од двата политички блока, пишува Утрински весник.

Охридскиот документ, кој пред една и пол деценија година донесе формална завршница на безбедносно политичката и меѓуетничка криза во Македонија, во сегашни услови може да биде пример за брзо политичко преговарање и за ефикасно постигнување отстапки и компромиси во ситуации кога државата се соочува со големи предизвици. Не може да се повлечат многу паралели меѓу кризата во веќе далечната 2001 година и актуелната политичка криза во земјава, посебно од аспект на причините за нивното избувнување и „завојуваните страни“. Сепак, случувањата пред 15 години, во споредба со политичките турбуленции низ кои поминува земјава во последните речиси две години, упатуваат на своевиден парадокс. За разрешување на тогашната мошне сложена безбедносно-политичка ситуација, која го стави на голем тест соживотот во земјава и ја доведе во прашање стабилноста на целиот регион, беа потребни неколку месеци, по што почнаа да се отвораат евроатлантските перспективи за земјава. Последната политичка криза во земјава, која кулминираше со објавувањето на опозициските „бомби“, пак, влезе во својата втора година, додека договорот од Пржино, што го потпишаа четирите најголеми партии пред повеќе од една година, се соочува со чести застои и постојани враќања на преговарачка маса…, а во меѓувреме интеграциските процеси на земјава се’ повеќе се движат во „рикверц“.

Охридскиот договор предизвика крупни промени во политичкото уредување на земјава, преку корпусот уставни амандмани што беа донесени во насока на гарантирање на правата на помалите етнички заедници и истакнување на граѓанскиот концепт. Претходно, и во тоа време најлутите политички ривали се најдоа во иста Влада, така што коалицијата на СДСМ, со четворица свои министри (за одбрана, за надворешни работи, за здравство и вицепремиер), влезе во тогашниот кабинет на ВМРО-ДПМНЕ. Речиси една и пол деценија подоцна, кон крајот на минатата година, на политичката сцена во државата се одигра слична ситуација – со влегувањето на СДСМ во оваа Влада на ВМРО-ДПМНЕ, за што наскоро се очекува и „реприза“. Сепак, во ова „здружување на силите“ за излез од кризата учествуваа други политички актери. Повеќето од оние кои во 2001 година беа вклучени во преговорите, потпишувањето или спроведувањето на Рамковниот договор веќе подолго време не се во средиштето на политичкиот живот. Како исклучок може да се посочи Али Ахмети, лидерот на ДУИ – партијата која произлезе од паравоената ОНА и која цели 15 години досега успева да ја задржи неприкосновената позиција во албанскиот политички блок, независно од промената на партнерите во извршната власт.

Безбедносно-политичката криза во Македонија почна да се наѕира уште во почетокот на 2001 година, за да кулминира во текот на пролетта и летото, а процесот за нејзино надминување финишираше на 13 август истата година, кога во Скопје беше потпишан Рамковниот договор, по речиси едномесечни преговори во вилата „Билјана“. Таму, на 10 август беше парафиран договорот, додека чинот на неговото потпишување се случи во претседателската резиденција на Водно. Овој документ содржи три анекси – уставни измени, промени во законодавството и мерки за градење доверба меѓу заедниците.

Преговорите се одвиваа под покровителство на тогашниот претседател Борис Трајковски, а со посредништво на олеснувачите од ЕУ и од САД Франсоа Леотар и Џејмс Пердју. Покрај нивните три потписи, на договорот стојат и потписите на тогашните лидери на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ – Црвенковски и Георгиевски и на ДПА и на ПДП – Арбен Џафери и Имер Имери. Во постигнувањето на договорот како експерти активно беа вклучени професорите од Правниот факултет Владо Поповски и Љубомир Фрчкоски. По потпишувањето, следеше не помалку турбулентниот процес на санирање на последиците од кризата, преку имплементација на договореното во Охрид. (Крај)

извор: Утрински фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука