Избор Спорт

Меѓународниот Атлетски Маратон во Охрид и годинава се соочува со финански проблеми

Охрид, 16. август 2016 (ОХРИДПРЕС) – Во тек се последните подготовки за традиционалниот Интернационален атлетски маратон во Охрид.

Од најтесното раководство и организација на овој маратон, велат дека секоја година се соочуваат со истите проблеми, кога станува збор за финансискиот аспект.

– Годинава имаме најава дека победникот на скопскиот маратон би можел да дојде, но сè зависи од тоа колку средства ќе имаме, затоа што врвните маратонци бараат повеќе средства, за патни трошоци, или барем за дел. Како и секоја година, така и оваа се соочуваме со доста финансиски проблеми. Живко Стојчевски секоја година донира минимум 1 000 евра и мислам дека да не беа тие негови средства, ние ќе бевме приморани да го прекинеме маратонот. Јас и годинава доставив барање до општината, за да застанат зад маратонот, затоа што е голема традиција, меѓународен настан, мислам дека треба општината да застане зад маратонот. Исто така настанот се организиара за 8-ми Септември, за Денот на независноста, што дополнително треба да се поддржи маратонот. Мислиме дека треба да ја преземат оваа иницијатива и понатака општината да ја преземе поддршката со поголема финансиска помош, информира Пецо Неданов, претседател на Здружението за атлетски маратон и претседател на Атлетскиот клуб Охрид.

За годинешниот маратон има најава дека би можел Охрид да го посети претседателот на Светската атлетска асоцијација, Себастијан Коу, англиски лорд, прв човек на атлетиката во светот. Неданов се надева дека неговото доаѓање ќе придонесе за популаризација на маратонот.

– Ние упорно сите години преку медиуми се обидуваме колку повеќе можеме да го популаризираме маратонот. Но, како што предходно спомнав, се соочуваме со тој финански проблем и не сме ни во можност ни одоколу да финансираме дополнителна пропаганда. Меѓутоа, маратонот е доста добро познат во јавноста. На пример, во мај бевме на Скопскиот маратон и таму сите маратонци од другите земји, нè препознаваа. Убаво е чувството да се види дека маратонот е и понатаму популарен меѓу земјите од поранешна Југославија. За прв пат минатата година на маратонот во Охрид трчаше Кениец, црномурест тркач. И порано имало заинтересираност и од маратонци од Нигерија, но заради финансиска неможност да ги платиме, не доаѓале. Така и годинава, не знам колку средства ќе успееме да обезбедиме, додава Неданов.

Инаку, за прв пат атлетскиот маратон е организиран во 1976-та година на иницијатива на Живко Стојчевски, кој е воедно и најтрофеен маратонец, со пет победи. Во 1997 година маратонот е прекинат. Во 2004 година е реобновен, со што е продолжена традицијата. Во 2011 година повторно маратонот се соочил со кратка пауза.

Годинава ќе се одржи по 30-ти пат. Со старт во 09:00 часот од караулата кај Св. Наум, ќе започне трката на Меѓународниот Атлетски Маратон – Охрид 2016. Целта ќе биде кај Дом на Култура “Григор Прличев” во центарот на Охрид.

Подигнувањето на стартните пакети ќе биде на 7-ми септември во Спортско- рекреативниот центар “Бијанини Извори” од 12:00 до 20:00 часот, каде се плаќа котизација за учество во вредност од 10 евра.

Пријавувањето се врши на следната веб страна www.iamo.mk. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави