Избор Охрид

Меѓународна конференција „Богомилство без граници“ во петок во Охрид

Охрид, 31. август 2016 (ОХРИДПРЕС) – Еминентни професори од Македонија, Бугарија и Велика Британија се дел од меѓународната конференција „Богомилство без граници“ што во петок ќе се одржи во „Куќата на Уранија“ во Охрид.

Станува збор за дел од активностите што во рамки на поширокиот проект посветен на „Богомилското движење и богомилската книжевност“ заеднички го реализираат Македонската академија за науки и уметности и Бугарската академија за науки.

Проектот е дизајниран за историско и културолошко проследување на богомилството сфатено како универзална придобивка. Идентификацијата на цивилизациските вредности и влијанија на богомилството најдобро се согледува преку книжевните состави со автентична артикулација, апокрифите, филозофските аспекти на учењето, како и преку неговата присутност и традиција во народното творештво. Богомилството се вбројува во редот на оние духовни појави кои што со својот историско-културолошки статус и значење претставуваат релевантна придобивка не само за македонската, туку и за балканската и воопшто за европската цивилизација и култура.

На отворањето на конференцијата ќе се обратат проф. д-р Маја Ангеловска – Панова и академик Васил Ѓузелев од Бугарската академија на науките. Учесници на проектот од Република Македонија се академик Блаже Ристовски и професорите Маја Ангеловска – Панова и Вера Стојчевска – Антиќ. (Крај)

извор: Сител фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави