Избор Охрид

Охриѓанецот Паскали дел од тимот кој стигна до 230 метри длабочина на Матка (Фото/Видео)

Охрид, 4. септември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Познатиот охридски нуркач и подводен археолог Никола Паскали беше дел од тимот на Кшиштоф Старнавски, кој на македонската и светската јавност и овозможи ретка можност да види како изгледа подводната пештера Врело на длабочина каде ниту еден македонски нуркач сè уште нема стигнато.

Екипата се нурна до длабочина од 230 метри, што само по себе ја става пештерата Врело на мапата на најдлабоките во Европа и во светот. Тој со сонда што ја пуштил пред себе утврдил дека длабочината на големата подводна галерија на пештерата се простира најмалку уште дваесетина метри, пред да почне стеснувањето кое го видел и со голо око.

matka1– Јас бев делот од тимот на Старнавски, му помагавме за време на декомпресиите. Имаше два длабоки зарони, еден на 188 метри и уште еден на длабочина од 230 метри со максимална должина од околу еден километар. Исто така направивме и добра фотосесија, ние бевме задолжени за осветлувањето, вели Паскали, која напоменува дека наскоро треба да се изработи и документарен филм за настанот.

matka2Паскали го истражува езерото на Матка повеќе од 5 години и има учествувано и на многу други експедиции, како онаа на италијанскиот нуркач Луиџи Казати, кој претходно успеа да се спушти на длабочина од 212 метри во пештерата Врело на Матка.

– Екипите што доаѓаат на Матка, во овој спорт се она што Меси и Роналдо се во фудбалот. Кшиштоф Старнавски има нуркано во пештери во Мексико, Русија и многу други земји, но истакна дека нема никаде видено ваква пештера, додава Паскали.

matka3Според претпоставките на Старнавски, после 250 метри, пештерата можно е да продолжува и до 300 метри длабочина. Тој има намера тоа да го открие следната година, кога најави дека ќе оди најмалку и до 270 метри надолу во Врело. Доколку се остварат неговите предвидувања дека длабочината може да достигне и триста метри, тогаш големи се шансите Врело да стане и најдлабоката подводна пештера во светот.

matka4Старнавски е еден од најпознатите нуркачи спелеолози. Тој нурка со т.н. ребридер, затворен систем кој, наместо боци со кислород, користи комбинација од гасови кои му овозможуваат да се задржи подолго време под вода. Сепак, за разлика од другите нуркачи Старнавски од секоја своја експедиција вади и одлични фотографии и видео-снимки, кои ги прави заедно со неговиот тим. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: Кшиштоф Старнавски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави