Економија Избор Охрид

Охрид добива подземни контејнери, поделени реакции во јавноста

Охрид, 8. септември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Деновиве привршува поставувањето на првиот од трите предвидени подземни контејнери во централното градско подрачје.

Станува збор за иницијатива која е дел од реализацијата на проектот од Центарот за Развој на Југозападниот плански регион за поставување на подземни контејнери во неколку градови. Претходно подземни контејнери добија општините Струга и Дебар.

– На предлог на Центарот за Развој на Југозападниот плански регион се избрани локациите. Од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици и Секторот за урбанизам, предлогот за поставување на овие контејнери беше поставен како точка на една од минатите седници на општинскиот совет, изјави денес за Супер радио и OhridPress директорката на ЈП „Охридски комуналец“ Елена Скрческа.

prlicevkontejneri1Таа додава дека проектот не е целосно реализиран, па според тоа, во текот на работата, ќе се одредува и утврдува за каков отпад ќе служат подземните контејнери. Од претпријатието се надеваат дека за брзо ќе бидат поставени и останатите контејнери на избраните локации.

Охридската јавност од друга страна реагира на избраната локација за поставениот контејнер, односно на само 2-3 метри од споменикот на Григор Прличев, македонскиот поет и преродбеник, роден во Охрид.

kontejnerkomentari1– Срамота е ова, резил…

– Сердарот, Контејнерот, О Арматолос, О што ти направија Григоре, зарем ова го заслужи во својот роден град…

– Ќе положвет цвеќе делегации… тука покрај ѓубренцето, се само дел од коментарите на охриѓани на социјалните мрежи.

kontejnerkomentari2Градските советници на 29-ти февруари оваа година, во рамките на 51-та седница на Советот на Општина Охрид донесоа одлука за утврдување локации за поставување подземните контејнери на подрачјето на градот.

– Подземните контејнери ќе бидат распоредени вдолж улицата „Македонски просветители“ и тоа едниот кај некогашната стара стоковна куќа, на пресекот со улицата „Даме Груев“, другиот на пресекот на „Македонски просветители“ со улицата „Димитар Влахов“ и третиот наспроти маркетот „Рамстор“. Оваа иницијатива е дел од реализацијата на проект од Центарот за Развој на Југозападниот плански регион. Сметаме дека ова се најсоодветни локации за поставување современи подземни контејнери. На ваков начин бенефитот е повеќекратен бидејќи ќе се подобри сликата за чист Охрид, а ќе му се олесни и на ЈП „Комуналец“ при подигањето на сметот, пред се` во летниот период, кога во градов има поголема фреквенција на туристи, изјавија тогаш од Општина Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука