Избор Охрид

Конференција за преговори во кризни ситуации: Екстремизмот и тероризмот се најголеми закани

Охрид, 13. септември 2016 (ОХРИДПРЕС) – „Министерството за внатрешни работи на Република Македонија прави напори во насока на зајакнување на своите капацитети за справување со сите видови на кризни ситуации, притоа имајќи ги предвид сложените безбедносни закани со кои се соочува не само Македонија и регионот, туку и Европа и светот во целина“, рече директорот на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков во рамките на Меѓународната конференција „Менаџмент и преговори во кризни ситуации“.

Полициски експерти од областа на безбедноста од државите во регионот и претставници на академската заедница учествуваат на Меѓународната конференција „Менаџмент и преговори во кризни ситуации“ што во организација на Бирото за јавна безбедност и на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија од денеска се одржува во Охрид.

Како најголеми закани по безбедноста се посочени променливите форми на насилен екстремизам, тероризам, исламски фундаментализам, прашања поврзани со странски борци и ситуации и состојби специфични за секоја од државите посебно.

– Во тој контекст МВР вложи значителни напори во насока на зајакнување на своите капацитети, меѓу кои формирање тим за преговори во кризни и сложени ситуации. Тој тим веќе е етаблиран, со искусни преговарачи кои веќе се и обучувачи на национално и меѓународно ниво, рече Чавков.

Тимови на МВР од 2004 година се обучуваат во соработка со партнерски служби, и тоа преку обуки во Унгарија во рамки на Тренинг – центарот на САД, со националните полициски служби на Унгарија, Франција, Австрија, Сојузна Република Германија…

Што се однесува на актуелната безбедносна ситуација во регионот, Чавков истакна дека безбедносната ситуација во Македонија е стабилна, но реални се заканите и предизвиците со кои се соочуваат сите држави од регионот и Европа. (Крај)

извор: МИА фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави