Избор Струга

Опетческа: Намерно предизвикани инциденти наметнаа тензија во струшката градинка

Охрид, 14. септември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Намерно предизвикани инциденти, кои наметнаа тензија во струшката градинка, оценува педагогот Душанка Опетческа, која 32 години работи во градинката „8 Март“.

Опетческа како што вели, во неколку наврати била вербално нападната, а недостасувало малку, и физички да биде нападната од роднини на нејзина колешка, воспитувачка во градинката. Таа се надева дека нема да се дозволи неколкумесечниот проблем со преполните капацитети во струшката градинка, да прераснат во поголеми инциденти, на етничка и политичка основа.

Од првиот пат кога била информирана локалната самоуправа за проблемот со ограничените капацитети во струшката градинка, до датумот кој го одредиле, 5-ти мај, не било најдено решение.

До пред неколку дена останале незгрижени две македонски групи со деца, на кои им била определена една опремена просторија за поделени активности. Педагогот на градинката објаснува дека во друга просторија спиеле вкупно 35 деца. Откако повеќе немало излез, родителите на децата се обиделе да најдат решение, во истата просторија да се врати албанската група од 45 деца, на што се сложиле вработените. Понатаму со случајот бил запознат градоначалникот Зијадин Села.

– Градоначалникот првиот пат кога отидовме кај него, нè сослуша, но за целата работа бил информиран во погрешна насока. Во врска со објектот „Пеперутка“, разговаравме дека постоечките групи се доста зголемени и додека да се најде времено решение и да се најде потребниот пердонал, да остане така. После таа средба, дојдоа на увид и тоа во период од 16:30 часот да ја проверат таа просторија, кога веќе сите капацитети на градинката се празнат по нормален работен ден. Градинката уште во 16 часот се празни, децата си одат, а не пак во време од 16:30 часот. Тогаш бевме навредувани како персонал дека лажеме дека нема простории, а просторијата била празна. Нашите предлози на градоначалникот ништо не му значат. Бевме информирани дека таа просторија, ќе биде наменета за нова група. Колешката албанка, заедно со родители, дојдоа и рекоа ќе ја користат таа просторија. Истата таа колешка нас нè избрка, раскажува Опетческа.

За овој настан од понеделникот била информирана службата на Министерството за труд и социјална политика во Скопје. Од таму им побарале како доказен материјал да ја снимаат просторијата. Педагогот Опетческа сведочи дека додека фотографирала, повторно вербално била нападната од истата колешка од албанска националност, која ја донела новата група на деца, со поддршка од родителите.

– Културно се повлеков, затоа што јас имам над 60 години, а колешката е околу 30 години и таа беше онаа која не нападна вербално. Јас досега во целиот мој работен стаж во градинката, не сум доживеала таков однос. Важам за човек кој никогаш не ги дели луѓето по никаков основ, ниту верски, ниту етнички, ниту политички, ниту социјален. Дојде и роднина на колешката, некултурно покажуваа со прст кон мене, кон директорот и неколку други вработени, велејќи дека ние треба да си одиме, додава Опетческа.

Утринава во 7:05 часот кога вработените биле на своето работно место, добиле информација дека вчера истата колешка која не сакала да води мешани групи, туку само со албанските групи, ги оставила 30-на деца незгрижени и го напуштила работното место.

– Донесовме заклучок да се смират тензиите, да не се вмешуваат родителите. Истата воспитувачка денес во 9 часот, дојде со група родители и не престануваа со вербалните напади. Добив закани за физички напад. Настана збрка, дојдоа сите колешки, слушнавме дека директорот бил сменет, а на колешката ѝ било дадено решение да биде директор. Нѝ се обраќаа со зборовите: Вашето заврши, сега е нашето. И друг пат имало и смена на директори, но ваков начин, ваков однос никогаш досега немало, над сите цивилизациски стандарди. Јас сум избркана од канцеларијата во која работам како педагог. Директорот цело време даваше силни напори да не дојде до инцидент. Беше повикана полиција и брза помош, затоа што јас навистина имав потреба од медицинска помош, по таквиот однос од колешката и нејзините роднини, дополнува Опетческа.

Минатата недела Супер радио ги контактираше претставници на Советот на родители, директорот на градинката Сашо Клечкароски, како и вработен персонал во објектот. Тогаш родителите информираа дека преисполнетоста на капацитетите, ги загрижува максимално, како нив, така и самите вработени. Родителите додаваат дека законски, според нормативите, на четири квадрати треба да престојува едно дете, а во струшката градинка, на 32 квадрати, се згрижени 32 деца.

Во врска со денешните и вчерашните случувања, Супер радио во неколку наврати се обиде да дојде во телефонски контакт со  Секторот за образование при локалната самоуправа во Струга, од каде континуирано информираа дека раководителот бил на важен состанок и не може да даде изјава во врска со случајот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави