Здравје Избор Охрид

Опција – Охрид се придружува кон барањето за определување буџет за националната програма за ХИВ за 2017 година

Скопје/Охрид, 7. октомври (ОХРИДПРЕС) – Граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и рано откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во Република Македонија, јавно бараат од пратениците, Владата, Министерството за финансии и Министерството за здравство да го корегираат скратениот буџет за заштита на населението од ХИВ – во согласност со препораките на експертите.

Платформата за одржливостна сервисите за превенција и поддршка за ХИВ ја сочинуваат 16 граѓански организации од 9 града низ Република Македонија, од кои најголемиот дел се директно вклучени во спроведувањето на активностите за превенција на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик во следните градови со нивните околни населени места: Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Кавадарци, Гевгелија, Струмица, Штип, Велес и Куманово.

Платформата за ХИВ ја сочинуваат здруженијата: ХЕРА, ХОПС, ЗАЕДНО ПОСИЛНИ, ЕГАЛ, Доверба, СТАР-СТАР, Црвен крст на РМ, Опција – Охрид, Зона – Кавадарци, Центар за унапредување на јавен живот – Тетово, ХЕЛП – Гостивар, Младински Клуб – Штип, Избор –Струмица, ПУЛС – Куманово, Интер етник проект – Гостивар, Виа Вита – Битола.

– Во националната програма за ХИВ за 2017 година се неопходни најмалку 65 милиони денари од буџетот на Република Македонија, според проценките на домашни експерти што ги ангажираше Министерството за здравство. Наместо тоа, предлог-Буџетот на Република Македонија за 2017 година предвидува само 27 милиони денари, износ кој не е доволен да ги покрие ниту потребите за животоспасувачка терапија за една година. Според експертите, за лекување на пациентите за една година неопходни се 32 милиони, додека 33 милиони денари се потребни за покривање на превентивните програми за половина година, реагираат од граѓанските организации.

Додаваат дека уште позагрижувачки е што во оваа т.н. превентивна програма воопшто нема да останат средства за превенција. Како што велат, тоа ќе значи зголемен број на нови инфекции и зголемен број на смртни случаи од ХИВ поради задоцнето откривање.

Во изминатите 13 години Глобалниот фонд даваше значителна финансиска поддршка за националната програма за ХИВ. Како земја со висок среден приход и ниска стапка на ХИВ-инфекција, Република Македонија веќе не може да аплицира за средства од оваа меѓународната организација. Со потпишувањето на досегашните грантови Министерството за здравство се обврза да го преземе финансирањето на националната програма за ХИВ по завршувањето на грантовите. Покрај тоа, Министерството за здравство јавно се обврза дека ќе ги одржи програмите за превенција преку мрежата на граѓанските организации на јавната расправа во Комисијата за здравство при Собранието на Република Македонија на 11 декември 2015 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука