Струга, 5. март 2015 (ИНПРЕС) – Kонцесионерите на струшките плажи се на нозе откако градоначалникот Зијадин Села ги известил дека имаат рок од седум дена сами да си ги урнат објектите, јави „Дневник“.
Сопствениците на кафулињата и рестораните велат дека немаат намера плажите да ги претворат во ораници. Села, пак, е дециден дека ако сами не ги урнат објектите, Општината ќе го стори тоа. Со ова Села, според Дневник, го возвраќа ударот кон пратеникот Рамиз Мерко и министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на чиј предлог, неодамна Собранието донесе нов Закон за градежното земјиште, кој предвидува струшките плажи да се издаваат под концесија на осум наместо на пет години.
Kонцесионерите се среде отворената војна меѓу Села од една страна и Мерко и Јанакиески од друга и наскоро ќе биде појасно кој ќе ја извојува битката за милионскиот бизнис со струшките плажи.
– Добивме известување од градоначалникот Села, сами да ги доведеме плажите во првобитна состојба бидејќи на сите концесионери ни истекле договорите. На ниту еден од 11-те закупци на плажите ни на крајот на умот не ни е сами да си ги уриваме објектите. Не е точно дека на сите ни изминал рокот за концесија. Ова е невидено. Пред самиот почеток на туристичката сезона Села сака плажите да ги претвориме во ораници. Не знам кој ќе дојде на летување во Струга на изорани плажи. Тој сака плажите да личат како по удар од напалм-бомба, револтирано вели еден од концесионерите.
Тие велат дека прво ќе побараат средба со градоначалникот за да му предочат дека на некои од закупците договорите им важат до октомври годинава и оти нема правна основа да ги урива. Ако и тоа не помогне, тие велат дека ќе алармираат и на локално и на централно ниво, односно помош ќе побараат од советниците, пратениците, извршената власт и правосудните органи. Градоначалникот ни потврди дека пред три или четири дена испратил писмени дописи до сите концесионери, дека договорите им истекле. Ова значи дека закупците на плажите имаат уште два до три дена за да ги отстранат кафулињата и рестораните.
– Имам законска обврска да ги информирам дека договорите за закуп се истечени. Ова значи дека концесионерите треба да го почитуваат договорот што го склучиле со Министерството за транспорт, а некои од нив ги продолжиле и со поранешниот градоначалник Мерко. Ќе почекам. Ако сами не ги отстранат објектите од плажите, општината ќе ги урива, изјавил Села за Дневник.
Градоначалникот на Струга смета дека постапува законски и повтори дека уривањето на кафулињата и рестораните не може да го спречи ни новиот Закон за градежно земјиште, бидејќи тој не може да важи ретроактивно, односно закупнините на плажите на осум години ќе важат за идните концесионери.
Kрајно спротивставените позиции на двете страни, ја прават неизвесна разврската со струшките плажи. Изминативе две години, во неколку наврати Села прво се конфронтира со сопствениците на кафулињата и рестораните на кејот на реката Дрим, по тоа и концесионерите на плажите. Паднаа и закани, а најостра беше таа од познатиот „Бос“ од Велешта, Дилавер Бојку Леку. Тој за хотелот на кејот на Дрим му се закани на градоначалникот дека „ќе го исчисти од Струга“. За комплексот на бунгалови, ресторани, маркет… на плажата „Аква скај“ , Бојку му порача на Села „дека го чека и ако смее нека руши“.
Стокмени парите, сега се бара фирма што ќе урива
Дека градоначалникот е решен плажите да ги врати во првобитна состојба, потврда е јавниот повик со кој се бара фирма која ќе ги урива кафулињата. Села вели дека Општината обезбедила пари за уривањето.
– Распишавме тендер за избор на фирма која ќе ја ангажираме за уривање на објектите на плажите и за неколку дена треба да биде затворен јавниот повик. Ако институциите, односно судот не ни прави опструкции како за трафиките, се надевам дека за еден месец ќе ја завршам акцијата за уривање на плажите, вели Села. (Крај)
извор: Дневник фото: архива