Избор Култура

Вечерва охридска премиера на филмот „Златна петорка“

Охрид, 21. октомври 2016 (ОХРИДПРЕС) – „Златна петорка“ – филмот за ликвидираните струмички студенти премиерно ќе се прикажува во Охрид во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20.00 часот, а влезот ќе биде 100 денари.

Кино проекции ќе има и во наредните денови, сабота и недела – 22-ри и 23-ти октомври.

Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.

– Во дејствието од филмот главен мотив е апсурдниот настан од 1951 година кога свирепо се ликвидирани петмина прогресивни студенти од Струмица. Филмската сторија претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, преживеаниот Алавантие се враќа во родната земја, отпретувајќи некои нови траги од досието кое УДБА го водела со кодните имиња на студентите, се вели во објаснувањето на продуцентите на филмот.

Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.

Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје, а е финансиран од Агенцијата за филм на РМ.

Својата интернационална промоција филмот „Златна петорка“ ја имаше во познатото кино „Вју“ на Пикадили сиркус во центарот на Лондон, на 29 септември.

„Златна петорка“ имаше македонска проекција на 17 септември на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави