Македонија

Неусогласени ставови за шестата изборна единица

Скопје, 22. октомври 2016 (ОХРИДПРЕС) – Продолжува разногласието во врска со неизбалансираноста на гласачите во шестата изборна единица.

Од кабинетот на претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, информираат дека Собранието е веќе распуштено и сите прашања во однос на шестата изборна единица, треба да се адресираат до Државната изборна комисија, пишува во својата анализа дневниот весник Нова Македонија.

Дел од експертите сметаат дека Државната изборна комисија може да го реши проблемот со 0,28 проценти вишок гласачи. ДИК останува на својот став, дека тие немаат никаква надлежност за решавање на проблемот во шестата изборна единица.

– ДИК може да направи смена на описот на избирачкото место. На пример, ако во едно избирачко место има 600 гласачи, а законски дозволениот лимит на гласачи за едно избирачко место изнесува 500 гласачи, за вишокот од 100 гласачи ДИК ќе отвори ново избирачко место, меѓутоа во истата изборна единица , велат од ДИК.

Оттаму додаваат дека тие немаат никаква надлежност да ги менуваат границите на изборните единици.

– Промени можеме да правиме само во изборната единица. Гласачи не можеме да префрламе во друга, не без измена на законот, која, пак, е во единствена надлежност на Собранието, додаваат од ДИК.

И според граѓанската асоцијација МОСТ, која врши сопствен мониторинг на изборниот процес, ДИК не може да го реши ова прашање.

– ДИК не може да го реши ова прашање, со оглед на тоа што за да се реши истото тоа, потребни се законски измени, кои требаше да ги донесе Собранието. Фактот што изборната единица број шест го надминува дозволеното отстапување нема да влијае врз изборните резултати, туку на еднаквоста, односно вредноста на гласот во „шестката“ во однос на преостанатите изборни единици, вели Златко Димитриоски од МОСТ. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави