Во охридските основни училишта се реализираше кампањата „Секој ден да е безбеден“
Охрид, 28. октомври 2016 (ОХРИДПРЕС) – Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата Охрид, во сите основни училишта во Охрид ја реализираше кампањата „Секој ден да е безбеден“.
Кампањата беше реализирана во соработка со секторот за образование во локалната самоуправа и со сите основни училишта во градот.
Во рамките на кампањата, се слушна гласот на најмладите, тие испишаа многу едукативни пораки до возачите и до другите учесници во сообраќајот, повикаа на максимална внимателност при управувањето на моторните возила, моторциклите, побараа безбедно учество на пешаците при преминувањето на коловозите и укажаа на неопходноста од свесно и одговорно однесување на сите учесници во сообраќајот.
„СТОП, мојот живот е драгоцен, не разговарај на телефон кога возиш, не вози брзо, не вози под дејство на алкохол, вози внимателно-немам два животи, ве молиме почитувајте ги сообраќајните правила и прописи“, беа само дел од искрените детски пораки што најмладите ги испишаа и ги поставија пред своите училишта и пред сообраќајниците околу училиштата.
– Кампањата претставува уште еден обид повеќе за сообраќајна едукација пред се кај најмладите а преку нивните испишани транспаренти и пораки, едукација и на возрасните односно сите други учесници во сообраќајот. Кампањата треба да придонесе, најмладите да се стекнат со трајни сообраќајни безбедносни навики кои секојдневно ќе ги практикуваат во текот на целиот живот со што ќе се унапреди севкупната безбедноста на сообраќајот на патиштата. Оваа кампања има за цел и да го подигне нивото на безбедносна култура кај сите категории учесници во сообраќајот, да се подигне општото ниво на свест, совест и одговорност во сообраќајот, велат од Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата-Охрид.
Кампањатата на Републичкиот совет за безбедност се реализира и во сто други основни училишта во Република Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |