Избор Македонија

Преку 300 набљудувачи на ОБСЕ ќе ги следат изборите

Скопје, 4. ноември 2016 (ОХРИДПРЕС) – ОБСЕ/ОДИХР ја започна набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори на 11 декември.

Во мисијата на ОБСЕ ќе бидат вклучени 20 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи. Организацијата ќе врши и мониторинг на известувањето на медиумите, а конечниот извештај ќе го објави на почетоткот на следната година.

Отворена е канцеларијата на ОБСЕ во Скопје, составена од тим од 14 експерти, коишто остварија средби со претставници на Министерството за надворешни работи и на Државната изборна комисија. Од ОБСЕ најавија дека освен со државните органи и локалната самоуправа, во следниот период експертите ќе се среќаваат со кандидатите од политичките партии, со претставници на невладините организации и на медиумите.

– На денот на изборите ќе ни се придружат и претставници на Парламентарното собрание на ОБСЕ и на Советот на Европа. Организацијата ќе го набљудува и пребројувањето на гласовите и сумирањето на изборите. Нашата прелиминарна изјава ќе ја презентираме на денот по изборите на 12 декември. Нашето набљудување ќе го опфати и медиумското известување, а конечниот извештај ќе го објавиме следната година во Скопје, бидејќи е потребен период од осум седмици за да биде подготвен, објасна шефицата на Мисијата на ОБСЕ, Тана де Зулуета. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави