Избор На кафе со...

Упевче: Треба што поверодостојно да ги зачуваме културните споменици, зошто тие се дел од Светското културно наследство

Охрид, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Никола Упевче е академски сликар, реставратор и конзерватор од Охрид. Како млад уметник  и научен работник тој досега има оставено повеќе трајни траги во културно-историското наследство на Охрид, но и пошироко.

Упевче вели дека повеќето техники не ја доживеале судбината на мозаиците. Преку нив, само со спојување на одредени фрагменти, повторно се осмислува декорот и архитектурата. Во историјата се познати како вечни слики, раскажува во интервјуто за Супер радио и OhridPress познатиот уметник.

Супер радио: Вие сте авторот на мозаиците кои ќе ја красат фонтаната на новиот плоштад штоопштината го гради кај Основното музичко училиште „Методи Патче“. Во овој период интензивно сте посветени на оваа работа. Како дојде тоа, токму Вие да бидете авторот?

Упевче: Точно, јас сум авторот на мозаиците кои ќе бидат вградени на оваа локација благодарение на заложбата на градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески и неговиот тим советници и соработници кои барале токму охридски уметник да вгради свое дело во оваа фонтана која ќе го краси просторот во времињата кои доаѓаат.

Супер радио: Какви мотиви ќе имаме тука?

Упевче: Мотивите кои ќе ја красат фонтаната се реконструкции на портретите и ликовите од „Четирите рајски реки“ зачувани во ранохристијанската базилика тетраконхос од археолошкиот локалитет Плаошник. Младоликите глави со изразита коса и зелени венци ги персонифицираат рајските реки. Од нивната уста истекуваат млазеви вода. Два портрети од рајските реки Геон и Еуфрат се целосно сочувани. Претставата за реката Фисон, половично е зачувана и истата ја реконструирав според еден слајд и фотографии направени во времето на откривањето на мозаикот.

Портретот на реката Тигар е составен според реконструкцијата на еден друг лик „Портрет од 11 фрагменти“ кој го составив во 2001 година од фрагменти најдени при ископувањата во тетраконхосот од предходни истражувања.

nikolaupevce2

Супер радио: Зошто токму таква мозаична претстава?

Упевче: Овие портрети се единствените фигурални претстави најдени досега на територијата на Република Македонија изработени во мозаична техника. За мене претставува особено задоволство повторно да се навратам на оваа тема, заради мојот претходен ангажман за конзервација и реставрација на оригиналниот мозаик изведен во 2001 – 2004 година на локалитетот Плаошник. Преку изведбата на копии и реконструкции на портретите ќе се добие една автентична слика на портретите и истите ќе потсетуваат на богатото културно наследство особено мозаичното, со кое изобилува охридскиот регион, поточно околината на Охридското Езеро. Досега се регистрирани 22 објекти со мозаична декорација од антиката до раниот среден век. Секако, тука морам да нагласам дека како тема таа се појавува во повеќе места на Медитеранот и била претставувана во повеќе наврати од културната историја во позначајните центри.

Супер радио: Кој беше Вашиот прв мозаик?

Упевче: Првиот мозаик, со наслов „Желка на тркала“, го изработив во 1998 година во Сули Ан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, по предметот сликарски техники кај професорот Момчило Петроски-Моцо. Тоа е една малечка масичка на тркала, сега претставена во нашата галерија во Охрид. Веднаш по завршувањето, изработив уште два други, Риби и Исус, за после нив да следат уште многу други мозаици изведени на различни места.

Супер радио: Што друго имате оставено зад себе во мозаична техника?

Упевче: Сводниот мозаик од влезот во олтарот на црквата „Света Богородица Каменско“ во 2006, мозаици во ресторанот Света Софија исто така во 2006, потоа Мозаикот-колаж „Дрво на животот“ на карпа во Горица 3 во 2003,  Амблем на градот Арл – мозаик, јужна Франција во 2007 година, копија на амблем „Медуза“ Музеј на Арл, Прованса,  мозаикот „Сонце“ за фондација Делта холдинг во Белград 2012 и повеќе мозаици во приватни збирки во земјава и светот.

nikolaupevce3

Супер радио: Освен академски сликар, вие сте и реставратор и конзерватор. Што досега имате реставрирано?

Упевче: Од 2001 година сум учествувал во главните зафати за документација, конзервација и реставрација на повеќе од 1.500 метри кавдратни мозаични површини на архелошкиот локалитет Плаошник. Изведов повеќе сложени операции за вадење на мозаици и враќање на нивното место ин ситу. Различни третмани и интервенции на фреско и штуко декорација, документирање на разни артефакти, фрески, мозаици, како и повеќе видови реконструкции и конечни презентации. Овде би требело да ги споменам и повеќето реконструкции на мозаици од фрагменти изведени или реконструирани во цртеж или дигитален формат.

Извршив подигнување и поставување на нов подвижен носач, тоа е прв мозаик во државата изведен со техника која се применува во сите поголеми светски музеи, на мозаичниот под од ѓакониконот од ранохристијанската базилика во струшкото село Октиси. Тој сега е изложен во подземните простории на Спомен-Куќата на браќата Миладиновци во Струга. Во некоку наврати држев теоретски и практични предавања во Реставраторскиот центар во Љубљана, Словенија и на Универзитетот во Љубљана, и вршев обука на конзерватори за документација и превентивна конзервација на подните мозаици од вториот век на локалитетот Сан Симон, во Изола, Словенија.

Минатата година ја изведов реконструкцијата на подниот мозаик од Презвитериумот во ранохристијанската базилика од село Суводол, сега претставена заедно со камениот иконостас како и конзервација и реконструкција на четири портрети од фрескоживопис од црквата на Кале во Скопје, презентирани во новиот Археолошки музеј во Скопје.

Супер радио: Мозаикот како сликарска техника или уметничката слика на платно. Што е полесно да се сработи?

Упевче: Секоја техника има сопствени тајни, кои се откриваат, доколку се посвети внимание и време. Мозаикот се склопи-знаеме да забележиме во обичниот говор. Иако сложени, мозаиците за мене го имааат моментот на игра, планирање и градење; ритмично следење на џорнатите (џорната е уметнички израз од италијанско потекло се однесува на „Работа извршена за еден ден“). Конципирањето на еден систем од повеќе дисциплини: цртање, сликање, обликување, нацртна геометрија, математика, физика,… и многу други искуства, за мене претставуваат радост во истражувањата.

nikolaupevce4

Супер радио: Уметничките гени ги наследивте од вашиот татко, академскиот сликар Славко Упевче. Колку тој Ви помага во она што го работите. Ви користеа ли неговите совети додека се градевте како академски сликар?

Упевче: Секако дека се надополнуваме и помагаме. Мојот татко е исклучителен мајстор во својата препознатлива техника сув пастел, како и акварелот со кој долги години твори.

Супер радио: Вие сте релативно млад човек, а оставате трајни уметнички вредности преку своите дела. Свесен ли сте за тоа?

Упевче: Повеќето техники не ја доживеале судбината на мозаиците, преку нив, само со спојување на одредени фрагменти, повторно се осмислува декорот и архитектурата. Во историјата се познати како вечни слики.

Супер радио: Македонското непроценливо богатство досега сте имале прилика да го презентирате и надвор од државава. Каде досега сте зборувале за нашето културно наследство?

Упевче: Изминатите години настапив со свои предавања на повеќе локални, регионални и меѓународни конференции на експерти кои ја изучуваат конзервацијата и реставацијата на мозаиците.  На последните три конференции на Интернационалниот комитет за конзервација на мозаици (ИЦЦМ) кој се одржува на секои три години во различни важни места за развитокот на оваа уметност, Палермо, Сицилија, Италија,  Мекнес и Волубилис, Кралство Мароко и во Алгеро, Сардинија, Италија. Со свои објавени трудови сум настапувал на повеќе меѓународни конференции во Италија (Равена Мусива, Равена, 2009, Институтот за керамика од Фаенца 2011, како и на повеќе меѓународни состаноци, работилници во Словенија во 2010, 2011, 2014 година.

Во Охрид, во 2011 и 2013, заедно со свои колеги од регионот одржавме два состаноци и работилница со форум на нашата неформална група на професионалци See Mosaics – Мозаиците од Југоисточна Европа. И оваа година се надевам дека ќе продолжиме со работа, секако во Охрид, а воедно ќе успееме да ги објавиме презентациите од минатиот состанок во публикувана форма.

Супер радио: Учествувајќи на меѓународните стручни собири разменувате искуства поврзани со конзервацијата и реставрацијата на културното наследство. Задоволен ли сте од начинот на кој се следат модерните научни, но општествени текови во овие области во Македонија?

nikolaupevce5

Упевче: Заради повеќегодишниот ангажман и посветеност во истражувањата поврзани со културното наследство сметам дека е неопходен постудиозен пристап во проучувањето на овие структури. Секако тука е важен научниот пристап во проучувањата кои треба систематски да се истражуваат, а и соодветно да се документираат и конзервираат. Почнувајќи од шеесетите години од минатиот век, се’ до денес, популарни интервенции се вадење и враќање на мозаиците ин ситу или со поставување на нов носач. Овие интервенции се надминати и треба да се избегнуваат, а да се употребат ислкучиво во специфични случаи. Сите структури и слоеви на малтери во изработката на еден мозаик се подеднакво важни, за мене како конзерватор, а секако ќе бидат и за следните поколенија проучувачи. Ние треба да се трудиме, што поверодостојно да ги зачуваме културните споменици, зошто тие се дел од Светското културно наследство. Со зачувување на оригиналните структури се зачувуваат и градителските традиции и техники поврзани со изработката на овие системи кои се покажале совршено соодветни да одолеат на забот на времето. Покрај непосредните интервенции, важен, а често и запоставен сегмент од заштитата е и континуираното следење на состојбата и одржувањето.

„Принцип на модерното време, се’ уште е вели прво да се запуштат објектите, па дури потоа да се реставрираат. Внимателно грижете се за вашите споменици и нема да имате потреба да ги реставрирате. Неколку ѓерамиди на покривот, или неколку суви лисја и стапчиња заглавени во одводот, ќе го спасат и кровот и ѕидовите од пропаѓање. Одржувајте ги старите објекти со внимателна грижа, чувајте ги најдобро што можете и по секоја цена, од секое влијание. Правете го тоа нежно и со длабока почит, и многу генерации ќе се родат и ќе поминат покрај нивната сенка. Злокобниот ден мора конечно да дојде, но нека дојде најавено и отворено, и недопуштајте никакви недолични и лажни замени или имитации да го лишат од задгробните оддели на меморијата. Оваа мудра изјава на Рускин кажува многу.

Супер радио: Работевте и на реконструкцијата на Мозаикот од презвитериумот на ранохристијанската базилика од Суводол, битолско, од 5-6 век, кој сега се наоѓа во новиот Археолошки музеј на Македонија. Пренесете ни дел од ова искуство…

Упевче: Ова ќе биде прва реконструирана целина која е претставена во нашите музеи, заедно со реконструкцијата на олтарниот иконостас, изведена во 1999-2000 година. На реконструкцијата на оваа значајна целина и споменик на културата од ранохристијанскиот период соработував со Љубинка Џидрова, кустос за советник за средновековна археологија од Археолошкиот музеј на Македонија. Презентацијата на реконструкцијата на мозаичниот под од базиликата од село Суводол ги претставува и трите „фази од животот“ на мозаикот со употреба на специфични ликовни техники. Претставени се оригиналните сочувани мозаични фрагменти на кои подлогата им е реставрирана во два наврата, првиот од времето по неговото пронаоѓање во 1932 година кога мозаичните фрагменти се излиени во армирана бетонска подлога од страна на Франце Месенсел. Следат, интервенциите по вадењето на складираните мозаични фрагменти од депоата на лапидариумот во Куршумли-ан, во 2001 година, со интервенциите за отстранување на бетонот и промена на носачот, како и, ретуш со вметнување на тесери-камчиња на одредени делови, изведен, периодично, во неколку наврати во 2001, 2008 и во 2013 година од страна на реставраторот Драган Вергоски. Во третата фаза од презентацијата на реконструкцијата од сочуваните мотиви, мозаикот од моја страна во 2014 е изведен со употреба на моделирани и обоени камчиња (псевдо-мозаик), во опсег на цртежите изработени при неговото пронаоѓање (Ф. Месенсел, 1932). Четвртата фаза ја претставува реконструкцијата на целиот под во првобитната состојба од времето на неговата изведба, а го изведов со употреба на техниката „зграфито“ со апликација на обоени малтери.

nikolaupevce6

Супер радио: Збор два и за моменталниот работен ангажман освен изработката на мозаикот со Четирите рајски реки?

Упевче: Моментално сум окупиран околу изработката на мозаикот за фонтаната со претставата на Четирите рајски реки, организирањето на материјалот од последната конференција на See Mosaics и подготовка за печатење како и припреми за овогодинешниот состанок. Во очекување сум да продолжам и со следните фази за заштита и презентација на мозаичниот под од базиликата од Суводол. Оваа година поканет сум да учествувам на неколку настани врзани со мозаичната уметност во Европа. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави