Забава Избор

No Fun: Рок сцената се враќа во Охрид

Охрид, 15. ноември 2016 (ОХРИДПРЕС) – За познавачите и љубителите на добрата рок музика, бендот No Fun, составен од тројца млади охриѓани, ќе Ве потсети како треба да звучи добро конципиран бенд.

Бендот го сочинуваат: Христијан Бујароски – гитарист и вокал, Ристе Гашоски – тапанар и Дарко Бујароски – басист.

Во поход и мисија на интерна статистика и анализа кои се моментално активните музички бендови низ градот, Супер радио и OhridPress овојпат во друштво на бендот No Fun.

Супер радио: Според некои од Вашите слушатели и обожаватели, ве именуваат како пост-гранџ бенд, некои како рок бенд. Има ли, според Вас, некое посебно значење како се дефинира музиката на еден бенд, или далеку поважно е континуираното работење и впечатокот кој го остава кај публиката?

Христијан: Ние се дефинираме како рок бенд, според она како се претставуваме, музиката која ја свириме. Ние пред сè свириме кавер песни. Инаку музиката која ја негуваме, не е толку често застапена и не може толку често да се слушне по локалите. Имаме репертоар од Ерик Клептон, Џими Хендрикс, Стинг, U2, Red Hot Chili Peppers. Може да се каже дека ние ја пренесуваме истата енергија која ја има во музиката на бендовите кои ги спомнавме и други музичари. По сè изгледа добро ја исполнуваме задачата, на секој наш настап има доста публика. Значи дека на нашите обожаватели им е интересно со нас.

Дарко: Секогаш има публика, редовни слушатели секаде каде што настапуваме.

Супер радио: Тоа дека успешно работите, е несомнено, со оглед на тоа дека Ве препознаваат, како оние кои слушаат рок музика, така и оние кои не слушаат таков тип на музика. Во колкав дел се совпаѓа Вашата омилена музика со она што се бара на самите настапи каде активно сте вклучени?

Дарко: Мора да компензираме со она што сака да го слуша публиката и она што ние сакаме да го свириме. Мора да правиме некој баланс од омилените песни за посетителите на свирките и забавите и она што ние го сакаме. Тоа мора да е така, за да имаме посетители од различни целни групи.

Христијан: Но има ситуации и каде што нешто нам нѝ се допаѓа како добра музика, или поединечно како добра песна, можеме да ја пласираме и публиката да ја засака. Можеби не од прво слушање, но подоцна откако ќе ја научат, потоа и самите ја бараат.

Ристе: Генерално за Охрид, во последно време е рокерски град. Во пет локали може да се слушаат пет различни бендови секој викенд.

Супер радио: Бидејќи спомнавте дека најмногу сте ориентирани кон кавер верзиите, колку време и труд вложувате во подготвувањето на аранжманите? Колку има простор секој од вас да даде некоја своја идеја?

Ристе: Се трудиме секогаш да спремаме нови песни за секоја свирка. Ги спремаме на наш начин. Затоа што сме трио, мораме песните да ги пре-аранжираме. Во некои бендови, чија музика ја свириме има по пет или повеќе членови, а ние сме трио и мора да се аранжира музиката како што нам нѝ одговара.

Супер радио: Како се одвиваат Вашите подготовки за некоја свирка, како ја премостувате таа игра на различни музички енергии, различни интереси?

Христијан: Порано имавме и по неколку проби во текот на денот. Сега, секој со своите обврски, но најчесто песните си ги преслушуваме дома. При закажана дво-три часовна проба, ги спремаме песните. Обично сега имаме три до четири проби во неделата.

Ристе: Имаме посебна хала, каде ги чуваме музичките инструменти. Можеме кога сакаме да свириме.

Дарко: И навечер може да свириме, не сме ограничени.

Супер радио: Музиката на кој музичар, според Вашите искуства, е најинтригантна за да се преработи?

Христијан: Ние тројцата не сме буквално целосно слични во музичкиот стил. За мене, би ги издвоил Pink Floyd, кои е тешко и да се сфатат како музичари, тоа се однесува на поголемиот дел од публиката. Па и тешко е да се долови нивната музика комплетно како што е оригинално. За мене, барем тоа е предизвик.

Ристе: За мене, на пример, потешки се песните од Metallica, посебно делот на Lars како тапанар.

nofunvosuperradio

Супер радио: И самите потенциравте, но се гледа во последно време, дека Охрид, како да се навраќа на алтернативната музика. Дали жалат охриѓани, или да кажеме, треба да жалат, по оние златни времиња, кога од овој регион произлегуваа доста алтернативни бендови, кои ја градеа сцената во Македонија, не само на локално ниво?

Христијан: Сите жалиме за тие времиња, и бендовите кои произлегле од Охрид порано, и тие кои сега работат, и имаат по некоја авторска песна. Но како некоја невидена појава, како што била пред децении, тешко да се врати. Тоа дека има свирки, има, се враќаат, и на луѓето им е интересно, сакаат таква забава. Можеби и бараат да слушнат нешто поалтернативно, но толку е она колку може.

Ристе: Мислам дека и тешко е да се пласира таа музика во денешно време. Требаат финансии за нова музика, квалитетна музика, и да може да се рекламира.

Супер радио: Колку во наредниот период би биле расположени и за понатамошно самоизразување, да ја освежите музиката со некоја Ваша тема?

Христијан: Во последно време имаме некои идеи.

Дарко: Имаме демо снимка подготвена, но треба повеќе време, треба да се спреми.

Христијан: Не е исто како за проба на некоја нова песна. За нешто ново треба повеќе време за креативност, за да може нешто да се создаде.

Супер радио: Не така одамна, чинам, во 2010 година во Младинскиот културен центар во Скопје, освоивте прва награда за млад бенд. Колку оваа награда Ви ги отвори вратите за некои планови и проекти кои следуваа?

Христијан: Да, тоа беше во 2009 година, преку средните школи. За млади рок бендови. Во МКЦ освоивме прво место. Требаше да одиме во Германија. Но, сепак беше убаво да се освои наградата.

Дарко: Но, немаше доволно финансиски средства. Испадна дека превозот требало да биде на наша сметка и други трошоци. Како утешна награда добивме настап во Метрополис Арена. Настапот беше солиден.

Ристе: Инаку беше сè организирано, требаше да настапиме на Toni Festival во Германија. Исто така, тогаш не се погодија и временските услови и се откажавме.

Супер радио: Кои се некои од позначајните фестивали каде што сте настапиле досега?

Христијан: На Т’к – Так фестивалот во Кавадарци настапивме првата година, во 2012 година. Таму мораше да се пријавиме со авторска музика и со една кавер песни. Се изненадивме кога освоивме второ место. Исто така, настапувавме на и на „Ало“ фестивалот во Охрид.

Супер радио: Дали Вашата публика ги исполнува очекувањата кои ги имате?

Дарко: За мене барем најубаво е што после една свирка, на пример, на следната повторно се гледа истата публика, во ист број.

Ристе: Свирките ги доживуваме како мал концерт. Супер е како публиката реагира. Тие што биле на наша свирка, знаат како е.

Христијан: Нормално, дека аплаузите после песните, се најубавиот дел. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука