Сторијата за охриѓанката која ја бара биолошката мајка добива нов тек – бебето било задушено при пораѓањето
Охрид, 30. ноември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Триесет и едногодишна жена, која е родена во Охрид, а посвоена во Скопје, е во потрага по својата биолошка мајка.
Младата жена вели дека откако почнала да ја води битката, до неа допреле неколку верзии за нејзината животна приказна. Според одредени сознанија, нејзината баба била поврзана со влијателен човек, кој во 1985 година, кога таа се родила, бил најмногу вмешан бебето да биде дадено на посвојување. Наводно бебето кое се родило на датумот кога е родена младата охриѓанка, било задушено за време на пораѓањето.
Таа бара народна помош за да дојде до вистината.
– Јас сум потресена и не знам на кој начин да дојдам до вистината за мене. Мојата животна приказна го смени својот тек. Досега мислев дека кога сум се родила на 23.07. 1985 година, сум била заведена како посвоена. Но, дознав дека кога сум се родила, сум била прогласена за мртва, на часот и денот кога сум родена, нема податоци за родено дете во Охрид. На 23.07.1985 година имало починато бебе, па би ги замолила сите кои знаат за таков случај, да ме контактираат. Не навлегувам во детали зошто е тоа сторено, само барам народна помош да дојдам до жената со „мртвото бебе“, бара помош младата жена.
За Супер радио додава дека десет години одела од врата на врата да бара помош. Досега ја контактирале многу жени, кои во наведениот период биле исто така на породилно отсутво. Многу од нив ѝ кажале неколку верзии. Според една верзија имало многу млада жена која се породила во тој период, бебето го дале на посвојување, а во јавноста се кажало дека се задушило при пораѓањето, потоа дека кога се родила, добила име Верче, и дека со болничка кола била однесена во Куманово.
Сите граѓани, кои имаат било каква информација во врска со овој случај, можат да ја контактираат редакцијата на Супер радио. Секоја помош или насока е добредојдена за да се помогне младата жена. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |