Забава

Љубојна со новиот албум „Радио Љубојна“ одбележува 15 години од постоењето

Скопје, 27. декември 2016 (ОХРИДПРЕС) – Музичкиот состав Љубојна ја заокружува 2016 година со промоцијата на најновиот албум „Радио Љубојна“.

Како дел од одбележувањето на 15 годишнината од постоењето, Љубојна одржа голем број концерти, поддржа хуманитарни активности и се презентираше со музика за балетска претстава во Пекинг, Народна Република Кина.

Новиот албум – „Радио Љубојна“ е составен од 8 авторски композиции, сите со различна етно конотација кои се интерпретирани од „Љубојна“ во придружба на познати имиња од македонската музичка сцена, меѓу кои и Џамбо Агушев, Васил Хаџиманов, Исмаил Лумановски и многу други.

Преку автентично пренесување на пулсот на македонскиот мелос, Љубојна го темели своето творештво на индивидуално слегување до музичките „извори“ и длабински навлегува во она што се нарекува современа звуковност. Автентичниот музички стил е изграден преку негување на македонскиот музички етнос, во комбинација со различни музички стилови. Преку експресијата на Вера Милошевска и љубопитноста на Оливер Јосифовски се создава елегантна симбиоза – музика со жесток ритмички пулс.

Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, испреплетени во музички концентрат во медитерански манир, од срцето на Балканот. Доказ за тоа е албумот „Радио Љубојна“ произведен во музичката продукциска куќа „Bairo Zakon Corporation”.

Во својот 15 годишен музички опус, Љубојна има издадено 9 албуми, а нивен авторски потпис стои зад преку 70 театарски и филмски проекти. Во 2011 година составот го добива епитетот Brass Fantasy и станува сензација која спојува различни возрасни генерации со различни музички вкусови, допирајќи до срцата на многу луѓе. Имаат одржано преку 300 концерти ширум светот, а добитници се на голем број награди, меѓу кои: „Најдобра музика“ на театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ (2002), „Златна Бубамара на популарноста“ за група на годината (2015; 2016), „Златна Бубамара на популарноста“ за музички спот на годината (2016), како и „Супербренд“ на годината (2015/2016). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави