Избор Охрид

Пренуркувањето на Охридското Езеро се одвива според планираното темпо

Охрид, 11. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Акцијата за пренуркување на Охридското Езеро што започна пред две седмици се одвива без проблеми и според планираната динамика, вели меѓународниот нуркачки инструктор Милутин Секулоски, кој ги предводи подводните активности.

Како што појаснува, освен него, секојдневно во студените води на Охридското Езеро влегуваат уште двајца или тројца нуркачи.

– Акцијата започна без проблеми и се одвива во најдобар ред. Стигнавме до вливот на реката Сатеска во Охридското Езеро. Засега е рано да се каже што се’ забележавме под водата, но детали од нашата активност ќе соопштиме кон крајот на оваа или почетокот на наредната седмица, вели Секулоски.

Нуркањата се одвиваат секојдневно, без оглед на надворешните временски прилики, а траат по 90-тина минути.

Идејата за подводното патување во Охридското Езеро, според Секулоски, е стара 15-тина години. Во проектот се вклучени македонски и албански нуркачи кои влегуваат на длабочина од 15 метри, а треба да поминат 80 километри и 322 метри.

– Целта не ни е само да го пренуркаме Охридското Езеро, туку со таквото пренуркување да фотографираме, да снимаме под вода и да позиционираме одредени пронајдени работи  за да добијат научните институции како што се Хидробиолошкиот завод и Заводот и музеј податоци кои се од нивни интерес. Јавно ќе пласираме се’ што ќе откриеме во текот на акцијата, појаснува Секулоски.

Предвидено е, подводните активности во Охридското Езеро опфатени со овој проект, да завршат за околу четири месеци , по што е планирано да се направи документарна емисија за сите спроведени активности, како и изложба на подводни фотографии. (Крај)

извор: ОхридПрес  фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука