Охрид, 15. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во нив буквално живее рокенрол музиката. Не музика само колку да се рече, туку секое селектирано квалитетно делче, според нивната максима, прво треба добро „да се испече“, па потоа да се интерпретира на начин, кој стреми кон што посовршеното.
Рокенрол триото Barrel Row овој пат ја имаат честа да бидат соговорници за интервјуто за Супер радио и OhridPres.
Barrel Row веќе си заземаа место меѓу активните музички бендови во Охрид, но и место меѓу обожавателите и почитувачите на рокенрол-от.
Членови на бендот се Лазар Милошески (вокал и бас гитара), Виктор Јолакоски (гитара) и Ѓорги Мангоски (тапани). (Членот на бендот со псевдоним Mango Wild, кој преферира во секоја можна прилика да биде именуван така, на големо инсистирање на водителката на интервјуто, само за Супер радио, сепак го откри и вистинското име – Ѓорги Мангоски.)
Супер радио: Која е музиката која Ве обединува како бенд, а кој е музичкиот стил кој Ве дефинира како различни, за да ја пронајдете онаа средишна точка како да функционирате како една целина? Вие како членови на рок бенд, можеби слушате различни стилизирани форми на рок?
Милошески: Нè соединува рокенролот, како главна водилка на бендот, а мислам дека нема музика која нè разединува, затоа што тоа што го пронајдовме меѓу нас, енергијата, е она најбитното.Тоа или го има, или не, не може вештачки да се создаде. Во однос на рок варијациите, на некоја слична фрекфенција сме сите членови, не сме на потполно истата, но тука некаде.
Јолакоски: Јас сум повеќе на прогресив рок. Но, сепак тоа што нè обединува е рокенролот. Тука исто така, донекаде и блузот.
Мангоски:
Пред сè добра музика, trash, heavy, rock, metal, важно да е добра музиката. Долго време ние тројцата сме слушале добра музика. Па се случи нешто многу убаво, да формираме музички бенд.
Супер радио: Колку време постоите официјално и кои се оние, да речеме, турбулентни периоди во кое сте се договарале и преговарале да почнете да работите како музичко трио?
Милошески: Постоиме два месеци официјално. Јас и Виктор сме имале некои предходни проекти со други бендови. Јас како највозрасен во бендот имам прилично искуство со други бендови. Затоа, она што го кажав, „музичката хемија“ нè склопи, инаку тоа е многу важно да се постигне во еден бенд. Преговори немавме некои посебни. Јас го контактирав Виктор, тој Mango, направивме една проба и видовме дека од првата проба можеме да функционираме, се разбираме.
Јолакоски: Да, исто и јас и Ѓорги сме имале музичко искуство со други различни бендови, сме се среќавале таму.
Супер радио: За читателите на OhridPress дали ќе можете да издвоите кои се најчестите музички имиња, чии песни го сочинуваат Вашиот богат репертоар?
Јолакоски: Па, најфрекфентни се песните на Deep Purple. Така да, можеме и „трибјут бенд“ да станеме на оваа група. Друго, свириме песни од led Zeppelin, AC/DC, White Snake. Свириме песни од најразлични изведувачи, но најчести се овие, кои ги спомнав. Исто така, свириме и македонски песни и српски, но повторно и тие се во стилот на рокенрол музиката.
Милошески: Се трудиме аранжманот на песните да не е оној класичен, туку да го направиме наш. Класичното го има секаде, кај сите бендови, затоа се трудиме да го направиме наш.
Јолакоски: Да, го правиме тоа на карактеристичен начин. Се случува и по седум – осум песни да ги спојуваме во еден сплет. Така да, нема застанување.
Милошески: Или, на пример, екс-ју песна, која не е типичен рокенрол, ја правиме рокенрол. Но, како што кажавме, дефинитивно најголемо влијание на нас имаат Deep Purple.
Мангоски: Тоа е она вистинското, што најмногу нѝ одговара.
Супер радио: При претставувањето на било кој бенд кое го прави Супер радио, практика е секој од членовите да објасни од своја гледна точка за музичкиот инструмент на кој свири и да ги сподели импресиите од својот удел во бендот. Така да, можете поединечно да се претставите.
Мангоски: Јас свирам, или тропам на тапани околу четири години. Предходно свирев во други различни бендови. По малку свирам и гитара, но официјално во бендот сум тапанар. Немам формално музичко образование, но, во рокенрол музиката, доколку некој има смисла за свирење, може со вежбање да постигне. Јас таа школа ја викам „улица, хардкор“. Сум слушал различна музика, порано можеби најмногу рап. Влијание, можам да кажам дека имам од брат ми, така почнав да слушам рок. Кога сме кај омилените музичари, можам да кажам дека мене ми е тапанарот на led Zeppelin, Џон Бонам. Слушањето на оваа музика ми даде некоја енергија. Кога започнував да тропам на тапани, си реков „добро е, има нешто“.
Јолакоски: И јас сум донекаде самоук, две – три години посетував приватни часови. Влијание кај мене за музиката најмногу има од Дејвид Гилмор и Ерик Клептон. Преку свирењето на гитара гледам еден начин на изразување. Кога нешто не може да се искаже со зборови, тоа може преку свирењето на гитара.
Милошески: Јас сум и басист и вокалист во бендот. Со бас гитарата приказната почна пред една свирка, чисто ја зедов од еден другар и почнав да свирам нешто аматерски. Но, потоа ја сфатив и суштината на овој музички инструмент. Бас гитарата е прекрасен инструмент и сметам дека уште многу имам за работа, така што не можам да кажам нешто премногу околу овој музички инструмент. Што се однесува до главната ориентација која ја имам во бендот, како вокал, имам завршено Музичка академија. Десет години активно се занимавам со пеење. Од познати пејачи, најмногу влијание врз мене имале Јан Гилан, Фреди Меркјури и, искрено техниката на пеење на Дејвид Ковердејл. Тој е еден човек, кој има прекрасна техника на пеење. Да не зборувам за бојата на гласот и сите тие работи, тоа е индивидуално. Бидејќи по звање сум оперски пејач, кај мене најголемо влијание извршил Димитри Хворостовски. Инаку, мислам дека е добро не само да се слуша, туку и да се гледа кога некој интерпретира, затоа што, конкретно за вокал, многу работи можат да се научат од гледање, почнувајќи од дишење, начин на отворање на уста, начин на изговарање на гласовите. Важно е школото, но ако музичарот не се труди, џабе е, сето тоа паѓа во вода, затоа што нашата уметност е многу конкретна. Велат талентот е 10%, но тоа се мисли 10 проценти од популацијата 🙂 Без разлика каков и да е вид на музика, треба да се вежба. Ако не се вежба, ќе бидеме како нашата новопечена фолк естрада, и ќе бидеме „по рокенрол“ од цел рокенрол. 🙂
Супер радио
: Кога веќе Лазар го спомна оперското пеење, колку на настапите кои ги имате, има простор за внесување на некои такви варијации?
Милошески: Бендот како бенд, немаме ограничување меѓу нас во однос на такви работи, секој може да го искаже она што е добро и на начин на кој го сака. Но, проблемот е на свирката, луѓето одат на рок свирка и сакаат да го слушаат тоа. Минимално, имам некои планови да пробаме, да видиме како би било, но, да не е премногу наметнато. Можеби би направиле некоја преработка, но во границите на нормала, за кои се надевам дека ќе им се допаднат на луѓето.
Супер радио: Кој Ви е најголемиот критичар интерно во бендот?
Јолакоски: Критериумите ми се, навреме да нѝ е секој влез во песните, да нема непотребни паузи. Околу доцнењето, исто така се трудиме секогаш да го избегнуваме тоа и навреме да сме на свирка. Потоа, се залагам, да нема застанување на сред песна доколку се направи некоја грешка. Затоа што, ако така се научиме на проба, така ќе биде и на свирка. Ми се чини дека е полошо при грешка да се застанува, тоа се трудиме да го надминуваме на пробите, да се снајдеме, ако дојде до нешто такво. Задолжен сум и да ги поттикнувам на помалку цигари и алкохол 🙂 бидејќи сепак влијае на гласот и состојбата.
Супер радио: Кои се предностите да се биде дел од еден ваков бенд во еден ваков град, во една мала и убава држава како што е нашата?
Јолакоски: Од толку многу кревање на опрема, се набилдавме, така да, една од предностите е тоа, се набилдавме, буквално. 🙂
Мангоски: Колку што е можно се враќа рок музиката во Охрид.
Милошески
: Почна да се губи, она што се вели, „средината“. Дел од публиката слушаше турбо – фолк, дел сакаа рокенрол и метал, и имаше една средна класа, така да ја наречеме, која слушаше нешто поп музика. Сега го нема тоа, или се публика која слуша турбо фолк, или хард рок. Добро е што сепак има публика, се гледа и по свирките. И помлада популација доаѓа на свирките, не е само онаа публика која останала од некогаш.
Супер радио: Дали според Ваши искуства, има музички едуцирана публика кај нас, која донекаде ги знае песните, музичарите…?
Милошески: Да, за среќа има едуцирана публика, која ги знае песните. Јас сум среќен што повеќе нема, т.н. „мршојадци на свирки“, кои обично стоеја во прв ред, и имаше голема веројатност да „нападнат“, чекаат да се направи грешка. Сега луѓето доаѓаат да уживаат, да си поминат убаво, да се забавуваат, а не да „ловат грешки“ и да се однесуваат како „музички менаџери“, кои како да ќе формираат нов музички бенд. Многу е добро што има промени во тој дел.
Супер радио: Кај нас во Македонија има исклучително добри вокали, тоа е веќе докажано. Меѓутоа, кога станува збор за композицијата како песна, како нумера, сеедно, дали можеби нѝ недостасува квалитетен кадар како композитори?
Милошески: Има и квалитетни песни, но нема да верувате дека, навистина, буквално се по фиоките на неафирмирани композитори. На пример, некој нов композитор, кој е анонимен, ако сака да пласира песна, потребно е да ја даде гратис, и пак е прашање дали пејачите би ја зеле. Тоа е така затоа што, кај нас има квалитетна „музичка мафија“, која се движи во еден одреден круг и сè оди како во пинг-понг, ако нема познат композитор, или аранжер, може да имате колку сакате добра песна, нема никој да ја земе. За пејачи, исто така, имаме многу добри вокали. Треба да се обрнува повеќе внимание на композициите. Проблем исто така има кај техничарите, кои работат во студио со музичарите. Техничарите не може да се однесуваат како диригенти, треба да се дозволи на еден музичар да ја отпее песната како што тој ја чувствува. Тоа е една многу важна и голема работа, која им е скратена кај пејачите кај нас, не им е дозволено да пеат онака како што сакаат и како што чувствуваат. Затоа, многу пати многу добри музичари, може да звучат трагично. Не е само до композиторите, до пејачите, туку до целиот тој механизам, кој е многу долг процес.
Супер радио: Под кои и какви услови би влегле, условно кажано, сега и веднаш во студио да снимате Ваши музички материјали? За каква понуда тоа би го направиле?
Мангоски: Би снимале под услови, да снимаме музика која ние ќе ја одбереме, која ние ја сакаме, а не да чекаме други фактори да нѝ наметнуваат музика. Не би работеле нешто што не го сакаме. Треба да се работи со љубов, музиката која му одговара на бендот.
Милошески: Условите би биле тие, наша музика, наша енергија, а од другата страна кога би било обезбедено студиото и рекордингот. А за саунд-миксинг, мора да сме присутни :). Без некои посебни услови, едноставно да нѝ дозволат ние да бидеме ние. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Barrel Row