февруари 24, 2017

Охрид, 24. февруари (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид, Струга и Вевчани, за вечерва од 19:00 часот, најавени се, како што информираат, масовни народни собири на членовите на партијата.

Вечерашните собири доаѓаат после најавата за мобилизација на членството на владејачката партија, како што велат во одбрана од разнебитувањето на државата. Како што наведуваат од партиските разграноци целта на собирот е да се покаже политичката сила на ВМРО-ДПМНЕ и воедно да се укаже дека секогаш треба да се почитува волјата на народот и националниот интерес на Македонија. Додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ на овој начин ќе покаже и докаже дека е против било какви задкулисни политички игри кои водат кон двојазичност, федерализација и разнебитување на државата.

На присутните на собирот се очекува да им се обратат претставници од партијата. Нешто повеќе за целта на собирањето може да се насети од повикот на претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ од Вевчани, Ѓорѓи Влајнкиноски.

– Ги повикуваме сите членови на итен собир во штабот на ВМРО-ДПМНЕ Вевчани. Целта на собирот е читање на ПРОГЛАС кој ќе се објави денес од ВМРО-ДПМНЕ за новонастанатата состојба во државава. Нападната ни е татковината, Македонија треба да се брани. Следува бурен период, пролет со многу енергија и борба за ВМРО и Македонија! Ќе победиме! Да живее ВМРО, да живее Македонија, да ни е вечно Вевчани, повикува Влајкиноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука