Европскиот совет за истражување ќе поддржи проект на охриѓанецот Петар Поповски
Охрид, 13. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот совет за истражување (The European Research Council ERC) денес ги објави сите 372 добитници на средствата од вториот грант на програмата за истражување и иновации на ЕУ.
Меѓу нив е и проектот на охриѓанецот Петар Поповски за ултра-сигурен безжичен интернет, кој според научникот „ќе го направи невозможното возможно“. За оваа цел, Европскиот совет за истражување ќе додели вкупно 713.000.000 евра, како дел од програмата на Европската унија за истражување и иновации „Horizon 2020“. Проектите ќе добијат просечно по 1.910.000 евра, што ќе им овозможи да ги консолидираат своите истражувачки тимови и да ги развијат своите иновативни идеи.
Поповски е првенец на Електротехничкиот факултет во Скопје во генерацијата 1997-ма. Дипломиран електро-инженер, магистрира во 2000 година на Електро-техничкиот факултет, каде и работи како асистент во Институтот за телекомуникации.
Веќе следната година заминува за Данска, на докторски студии во Универзитетот во Алборг. Од 2004 работи како доцент на Универзитетот во Алборг, каде од 2012 е редовен професор и води своја истражувачка група со десетина истражувачи: студенти, докторанти и пост-докторанти. Петар во Данска живее со синот, ќерката и сопругата Искра, која е вонреден професор на Универзитетот во Алборг. Тој и неговата група работат и на неколку истражувачки проекти, од кои еден е големиот проект на ЕУ од FP7 програмата METIS 2020, во рамките на кој се прават големи чекори кон безжичната 5G технологија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива
@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука |