јануари 24, 2015

Љупчо Патчев, е познат угостител во Охрид. Повеќе од 40 години успешно плови во угостителските води. Во 80-тите години неговата кафетерија „Чарли“ беше едно од главните сврталишта за младите, а веќе две децении неговиот ресторан „Далга“ е место каде голем број познати личности уживаат во добрата храна и прекрасната глетка кон езерото.

Во интервју за OhridPress и Супер радио, Патчев зборува за угостителството, за проблемите во оваа област, за животот во Охрид  некогаш и сега, а раскажува и по некој детал од неговите средби со видните политичари кои доаѓале во „Далга“.

Супер радио: Господине Патчев, би започнале од она што е актуелно во моментов. До каде се подготовките за дочекот на новата година во „Далга“, има ли најава за гости?

Патчев: Како и секогаш, ние сме подготвени за дочекот на новата година. Знаете, ние сметаме како нова година да се дочекува секој ден, така што во секое време сме подготвени.

Тоа е што се однесува до нас. Но колку гости ќе ни дојдат, тоа не зависи од нас. Знаете, на прво место е економската моќ на луѓето, на второ место е какво ќе биде времето, а на трето е состојбата, политичка, безбедносна, кај нас, на Балканот, но и во светот. Инаку, охриѓани отсекогаш се подготвени да дочекуватаат гости.

Супер радио: Но имате и гости од различни држави кои се традиционални за дочекот на новата година. Има и такви кои со години наназад резервираат места во „Далга“. Дали се најавија и годинава?

Патчев: Да имаме и такви, наши редовни гости. Веќе 10 години наназад српските туристи се наши редовни гости за дочекот на нова година. Тие се најавија и годинава,  но пак ќе повторам, се’ зависи од временските прилики. Ако заврне снег, знаете колку ги чистиме патиштата и ние и во Србија. А дека Охрид ќе биде полн за новогодишните празници, се гледа уште сега. Има најави. Ете, општината годинава и порано почна да го украсува градот. Треба да се долови новогодишниот амбиент и ако сега има гости, пријатната атмосфера и тие да ја пренесат за да дојдат уште повеќе туристи.

Супер радио: „Далга“ е препознатлив знак за Охрид. Секој дел од ресторанот, секој агол од објектот, секое делче од ѕидот дише, има топлина.Но вие и пред  да го отворите се занимавате со туризам односно со угостителство?

Патчев: „Далга“ постои дваесет години,а  јас со угостителство се занимавам од 1968 година. Бев 16 години во Германија, а по шест месеци од моето враќање повторно во Охрид  ја отворив кафетеријата „Чарли“ , па „Антико“, и потоа „Далга“ на старото место.

Супер радио: Направивте и приватна плажа во месноста Лагадин, но таа не траеше подолго од три години?

Патчев: За првпат отворив и приватна плажа, но ми ја урнаа властите, дали со право или не, не знам, но бев првиот во Македонија кој отвори приватна плажа. Плажата беше во месноста Лагадин. Таа беше замислена да има само еден шанк, тушеви и санитарен  чвор. Да може секој да дојде и да си донесе лежалки и слично. Сега условите се други, кириите се можеби поголеми, па и самите концесионери треба да ги извадат парите на некој начин, и затоа е малку поскапо, поради што е револтиран народот.

Плажата функционираше добро три години.Зборувам за период пред 15 години. Досега којзнае како ќе беше уредена. Исто и за сегашните плажи. И тие за 15 години можеби ќе бидат екстра модерно уредени.

crkvaveranadezljubov

Супер радио: Плажата ја срушија, ама тука Вие изградивте мала црквичка посветена на маченичките Света Софија и нејзините ќерки Вера, Љуба и Нада. Навидум мал верски објект, ама сепак доволно голем за да ги собере бројните верници на празникот. Како дојдовте до идеја да ја изградите?

Патчев: Тоа беше во 2000 година кога се одбележуваа два милениуми од христијанството. Не беше градена по сон, како што на некои им се сонува, туку јас сакав да оставам белег на тоа место во кое сум вљубен. И еве, веќе 15 години, иако е мала капела, сепак е градена од срце и душа и е со голема посетеност на празникот во септември.

Црквата се вика Нада, Вера, Љуба и мајка Софија. Зборовите звучат двосмислено, упатуваат на Вери, Љуби, Нади и Софии, а од друга страна, зборовите надеж, љубов, вера и софија се главните патокази во животот.

Супер радио: Средствата што ги оставаат верниците на овој празник во капелата во Лагадин, секоја година одат во хуманитарни цели. Вие секогаш сте скромен и ги донирате без помпезности и фалења кого ќе израдувате, што ми се допаѓа зашто тоа е во духот на христијанството. Знам дека не сакате многу да зборувате, но еве, во оваа пригода, би можеле да кажете каде заминуваат тие сите овие години. Каде ги пренаменувате?

Патчев: Тоа навистина не е за фалење. Од тие пари што се собираат, имаме поделено по болниците околу 400 ќебиња. Во Геријатриското одделение на Општата болница во Охрид ја уредивме кујната, а купивме и телевизор и пижами за старите лица кои се згрижени таму. Годинава поделивме 16 столици во Кардиологија, а обезбедивме и 10 вакцини против грип за социјално загрозените граѓани.

Следната година, дај Боже да има уште поголем број верници и да се соберат уште повеќе пари, па да ги донираме таму каде што најмногу треба. Црквата не е изградена за наша корист.

ljupcopatcev2

Супер радио: Вие сте голем верник?

Патчев: Јас верувам во Господ. Од него се плашам и од никој друг. Во луѓе верувам многу малку, но Господ ми е патоказот.

Супер радио: Ама со луѓе сте опкружени секојдневно. „Далга“ досега ја имаат посетено голем број политичари и други видни личности од целиот свет. Дел од нив се овековечени и на фотографиите на ѕидовите од ресторанот. Кој досега Ви бил во посета?

Патчев: Не знам да ви кажам точно колку. Кај нас бил поранешниот претседател на Германија, сегашниот претседател на Австрија Фишер, потоа Стипе Месиќ, Милан Кучан, Квашњевски, а од нашите претседатели, гости ни беа и сега покојните Киро Глигоров и Борис Трајковски. Имаме пречекано 550 делегации на високо ниво.

Супер радио: Сигурно сте оствариле и разговори со нив?

Патчев: Кај нас беше поранешниот министер за финансии на Германија Тео Вајгел. Јас бидејќи сум живеел во Германија, релативно добро го зборувам јазикот па муабетевме со него.  Член сум на Социјал-демократската партија на Германија од 1973 година. Тој е од партијата Це Ес У. Јас му велам, сега сум демохристијанин  и симпатизер на ВМРО иако немам членска книшка, ниту пак некогаш ќе ивадам каква и да е книшка од некоја партија. Велам симпатизер, иако сум симпатизер на секој којшто ќе направи нешто добро за државата. Не ги делам луѓето на вакви и такви. Ги ценам професионалците, без разлика од која партија се.

Супер радио: Верувам дека има и некоја анегдота од нивните посети во „Далга“?

Патчев: На времето, случајно се погоди, европратеничката Дорис Пак и покојниот претседател Борис Трајковски да не’ посетат во ист ден. Претседателот дојде, руча и замина. Потоа следуваше телефонски повик од протоколот дека доаѓа Дорис Пак. Нам ни се слушна оти велат „доаѓа Борис пак“, и веднаш почнавме со подготовка за пречек на претседателот, со прашалници во нас зошто пак доаѓа на ручек, а јадеше кај нас пред само еден час. Кога гледаме, доаѓа европратеничката Дорис Пак, а не Борис пак.

Супер радио: Склопувате ли пријателства со некои од видните гости?

Патчев: Јас многу не ги обожавам многу Американците но сум добар пријател со амбасадорот Кристофер Хил. Не’ зближува пријателството и досега најмалку  пет-шест пати откако замина од Скопје повторно се врати во Македонија. Не се случило да дојде во Охрид а да не ме побара. Јас обично во „Далга“ седам најдоцна до 22:00 часот.  Една вечер ме викнаа околу полноќ. Ме побарал Хил. Се пресоблеков и заминав. Велам,кога можел тој да дојде од Америка да ме види, зошто и јас да не го удостојам. Самата кафеана си има живот. И колку да зборува конкуренцијата, ние таа живост ја одржуваме во континуитет.

restorandalga

Супер радио: Најголемиот дел од вашето време сигурно го поминувате во „Далга“. Интересни ли ви се миговите поминати таму и тогаш кога нема некои  видни гости кои привлекуваат особено внимание заради тоа што се познати?

Патчев: Имам 67 години, а 46 години сум во угостителството. Ми се чини ако не дојдам во кафеана, не ми минува денот. Можеби младите не го сакаат моето присуство таму, но јас дури можам да одам, ќе им „досадувам“ таму. Но и персоналот е квалитетен. Осум-девет луѓе се тука од самиот почеток. Сигурно не би седеле ако не биле задоволни.

Супер радио: Угостителството и туризмот кај нас, иако имаме и соодветен факултет, сепак се уште се потпираат на сезонските работници во лето. Како Вие гледате на тоа?

Патчев: Сметам дека тоа со сезонските работници е голема грешка во охридското угостителство. Чекаме да дојде јули за да земеме деца кои дошле да се капат, а не да работат. Затоа ги слушаме и негативните критики. Па како може момче или девојка кои до 15:00 часот се капеле на плажите, од 17:00 часот да ги опслужуваат гостите.

Супер радио: Кои се најгорливите проблеми со кои се соочува охридското угостителство?

Патчев: Најголем проблем ни е пушењето цигари во угостителските објекти. Ние се расправаме со луѓе речиси секој ден. Јас не сум пушач, но не ми е пријатно  кога ги гледам луѓето како од кафеаната  излегуваат надвор. Тој проблем треба да се реши. Треба да се најде решение, дали ќе се направи посебна просторија или нешто друго, сепак треба да се реши. Горчлив проблем се и инспекциите кои пишуваат високи казни. И Германија има прво опомена и потоа ќе ти дадат помала казна. А овде, имаш дуќан со стока во вредност од најмногу 600 евра, а казната што треба да ја платиш изнесува 2,5 илјади евра. Сметам дека треба да се најде некој сооднос. Не дека сме во право. Секој греши,но казните да бидат сразмерни.

Супер радио: Вие потекнувате од стара охридска фамилија. Во потрага по подобар живот, еднаш го напуштивте Охрид, ама повторно му се вративте. Како го дожививате родниот град?

Патчев: И кога бев во Германија доаѓав два-три пати годишно за да се видам со луѓето овде. Градот ме влече. И тоа не беше доволно. Последната година во Германија, 1984 година, си реков, или си одам дома, или да направам нешто што не треба, па така да ме вратат во мојот Охрид.

Супер радио: Како Ви изгледаше Охрид како дете кое деновите ги поминуваше на старата охридска калдрма, а каков е според Вас Охрид сега?

Патчев: Промената е огромна, и во позитивна и во негативна смисла. Стариот дел на градот треба да го сочуваме, а ние за жал, го уништуваме. Било со ресторани, или со нешто друго. Можеби и ние не требаше „Далга“ да ја подигнеме таму. Градското јадро беше баш градско. Не се мешаа луѓето од Варош ниту со жителите од Кошишта. Потоа дојдоа луѓе од странство, од селата, и се’ се измеша. Секој што доаѓа носи свои обичаи, свое однесување и веќе не истото она време од порано.

Супер радио: Како ги минувавте деновите од детството?

Патчев: Најмногу на Плаошник. Таму беше најголемото игралиште и најубавите денови од детството сме ги минувале таму. Денеска децата немаат никакво детство пред телевизорот и компјутерот. Ние барем се изнатрчавме, се изнавежбавме, се изнакрадивме сливи, јаболка, бадеми, коџеџици. Денешните деца не знаат ништо од тоа.

Супер радио: Каков беше туризмот порано, а каков е сега во однос на бројноста на гостите?

Патчев: Порано имаше повеќе туристи. Имаше луѓе од цела Југославија, Холанѓаните ни доаѓаа. Но кога се отворија војните на овие простори се намали бројот на гости. А жалосно е да не се посети Охрид. Имаме најчист воздух, имаат луѓето што да видат, имаме 360 цркви, добро хотели, добри ресторани, добри кафетерии. Но ми се чини дека повеќе од 30 илјади луѓе дневно не можеме да ги опслужиме.

Инаку доаѓаат и туристи со автобуси на само еден ден: ќе го остават ѓубрето и ќе заминат. Не ни требаат такви туристи, барем јас лично така сметам. Не е само број како број, туку да видиме што ќе остават тие. Градските каси треба да се полнат. Ако се полни градската каса ќе има и државата пари. Но не се виновни и тие што со автобуси доаѓаат на само еден ден. И тие сигурно би сакале да отседнат во некој од хотелите, но за жал, толку се можностите.

Супер радио/А.Р.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука