Последната колумната на г-дин Ванчо Костоски и веста дека општините од Југоисточниот плански регион, одбиле да потпишат договор со австриската АСА, за изградба на регионална депонија, ме инспирираа да ја напишам оваа колумна.
Ќе прашате, што има заедничко помеѓу овие две теми?
Општина Охрид има воспоставено односи со многу градови од државите кои произлегоа од бившата заедничка држава и со многу градови од блиските балкански, европски и држави од светот.
Таа соработка треба да се негува и да се продлабочува во сите сфери.
Во некои области треба НИЕ да црпиме искуство од побогатите и поразвиените градови, во други области ние да им трансферираме знаења и искуства.
Градови, кои по број на жители и буџети, се поголеми од нашата држава, го третираат како равноправен партнери, во споредба со нив, малиот Охрид.
Друга работа е колку НИЕ сакаме или сме способни да ги искористиме сите тие контакти, да ја продлабочиме соработката и да извлечеме придобивки во корист на нашиот град и граѓаните.
За жал, како општина, во изминатиов период, немаме многу посветено внимание нити направено анализа, со кој град во кој правец би ги продлабочувале односите, освен на взаемните куртоазни посети иако имаме градови, со кои сме побратимени или имаме спогодби за соработка, а кои во своите земји и пошироко се познати како индустриски, трговски, туристички, образовни, културни, спортски центри.
Еве на пример Крагујевац, Република Србија.
Градоначалникот на овој град, има заменик градоначалник за меѓународни односи. Градот, има, голема меѓународна активност и соработка со многу градови од светот. Покрај другото, има своја канцеларија во Брисел, која ни беше понудена заеднички да ја користиме (мислам дека и сега има, но со оглед на политичката состојба во Крагујевац, последната година, незнам дали сеуште функционира).
Во Крагујевац, свои канцеларии имаат отворено повеќе градови и региони, а помеѓу нив и регионот Јужна Моравија, Чешка. Со посредство на Секретарот на Град Крагујевац и на преставникот на Јужна Моравија, договоривме посета на Јужна Моравија и истата беше реализирана во Брно (посетата, ако се сеќавам добро, беше реализирана 2007 година). Двата градоначалници на Охрид и Струга, беа примени од Премиерот на покраинската Влада. Во делегацијата беше и тогашниот Декан на ФТУ Охрид, каде при посетата на Универзитетот во Брно, беше договорено и потпишување на спогодба за соработка и размена на студенти.
Секако дека и тоа не се реализира. Барем јас не сум запознаен, дека по враќањето од Брно нешто е превземено. Е, она што е сврзувачко за колумната од Костоски и Југоисточниот регион е посетата на депонијата во Брно, а со која стопанисува Австриска АСА.
Бевме запознаени со целокупниот процес од собирање, селектирање, рециклирање и депонирање на отпадот. Ги разгледавме сите погони, машини, технологии за на крај да ја посетиме и депонијата, која изгледаше и не толку голема, опкружена со зелени тревнати и што туку насадени ритчиња. Од страна на домаќините бевме запознаени дека под тие ритчиња, всушност се депониите. Она што како податок го добивме, а и го видовме, тоа беше гасните централи кои произведуваа електрична енергија од гасот кој се ослободуваше од депониите, а кој ја покривал потрошувачката на електрична енергија за јавното осветлување на Брно. Така ни беше кажано.
Беа запознаени за проблемот со депониите во Република Македонија во целост и со препораките кои ги имаа во оваа дејност, бараа начин за влез во Македонија.
Извесно време по остварената посета имаше некои контакти со преставници на оваа фирма, но со оглед дека во секој случај се работи за меѓуопштински проект однсоно регионален, а ЗРРР и Законот за децентрализација споро или воопшто не се имплементира, а со тоа и процесот на децентрализација е стопиран, единствено можеше да преговара државата.
Современа депонија немаме ни денес, нити Охрид, а нити поширокиот регион. Колкав еколошки проблем е сите знаеме, но и финансиско оптеретување на ЈП.
Овој пример, треба да ни биде поука дека побратимените и партнерските односи со градовите, можат да бидат поголеми промотори на нашиот град и држава, повеќе од која била реклама, на кој било канал.
Тие се тука, ние само треба да ги искористиме.
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.