Големиот, пред се` човек, а потоа и писател Живко Чинго, мотивите за своите дела, кои ги пишуваше пред половина века, ги црпеше од односот на обичниот македонски човек визави целокупната партизација на општеството и мерките, плановите, програмите кои ги спроведувала, тогашната власт.
Ја имав таа чест, лично да ми раскажува за настаните и за вистинските личности кои ги имаше опишано во своите дела, за огорченоста на селаните, кои беа принудени да влегуваат во колективите и нивниот отпор, но и за нивните роднини кои беа на партиската линија и ги принудуваа да стануваат задругари.
Во неговите дела, пред с`е беа опишани луѓето, од неговата Пасквелија (Велгошти, Охрид и Галичка општина), но и за земјата околу големата вода, во кој беше неповратно залубен.
Но, сигурен сум дека ни Чинго, не можеше да претпостави дека, содржината на неговите дела и денес после пола век ќе биде актуелна, како да ги има пишувано, денес, а не пред 50 години.
Повторно се актуелни партиските подлизурковци, но сега не во една партија, туку во мноштво на партии (секако дека најповеќе ги има кај најголемите и најмоќните партии). И денес ги има Сталин и Сталиница (од романот Пасквелија), но наместо во една партија, како тогаш во многу партии. И сега имаме наместо еден секретар на партија, многу секретари на многу партии, па претседатели, па членови на комитети, па на месни, урбани и какви се не тела. И денес го имаме истото лигавење према партиските моќници како тогаш, со таа разлика што тогаш се лигавеа на еден во селото, градот, а сега на повеќе, зошто имаме и повеќе партии. И кодошламата е иста, но денес е потешко, зошто кодошите незнаат кого на кого да го кодошат, па можат да згрешат.
И денес, како пред 50 и повеќе години, секој прави кариера, низ структурите на партијата. А за градење на кариера им е потребна само лојалност кон партијата, кон локалниот и главниот лидер (или на оние блиски околу него).
Тогаш, неписмените ги описменуваа преку забрзани курсеви, а основното образование го завршуваа во работничките универзитети, две одделениа во една година, а за средни школи се отвораа во самите фабрики и кога ќе завршеа партијците се затвораа. Е некаде се отвораа и факултети ад хок, да заврши директорот и тие околу него, па ги затвораа.
Денес е слично само што, заради задолжителноста на основното и средното образование, партијците мора да завршат факултети, но без титула нема ништо, па затоа мора да магистрираат и види тоа го прават за две во едно.
Има еден дијалог во ТВ новелата на Живко Чинго, Заминување од Пасквелија, во која селскиот партиски секретар добива повисока функција во градот и неговата функција му ја дава на неговиот потрчко. На примопредавањето, потрчкото го прашува секретарот во заминување, дали ќе го почитуваат селаните. Овој му одговара дека ќе го почитуваат зошто тој е власт. А потрчкото охрабрен од одговорот, поставува уште едно прашање, дали селаните ќе му се плашат. Одговор не доби, но се подразбира дека како на секретар ќе му се плашат селаните, но се додека е на функција, потоа не се знае. Ништо не се променило, ниту во карактерот на нашиот човечец. Да му се плашат, не да го почитуваат. Но зад тој страв не стојат авторитетни луѓе, туку партиски функционери.
Не е многу различно и во делот на колективизација и во делот на национализација (иако нема национализација сега ја имаме експропријација). Во секој случај и тогаш, а и сега е ограничивање на правото на сопственост.
Еве повторно во мода е задругарството, потоа атрактивни земјишта кои ги национализирала поранешната власт и денес не се враќаат на сопствениците, а таму каде што се вратило, со експропријација на сто начини ќе ти го одземат по пазарна цена, за јавен интерес, за општо добро.
Не сум сретнал или прочитал, каков бил чаршискиот живот пред многу години во Охрид, но и не ми треба зошто го имам доживеано и секако дека имаше повеќе луѓе, секоја вечер по КОРЗО од колку денес.
(Еден мој пријател вели, после 8 часот навечер, да паднеш чаршија, ќе умреш, нема кој да ти помогне).
За жал, светот, науката, технологијата, отиде многу напред, но менталитетот на нашиот човек е останат таму некаде во минатото.
На крајот, со едне збор, да направам споредба на она што се случувало пред 50 и повеќе години, период кој е окарактеризиран како едноумие и тоталитаризам и периодот од осамостујувањето до денес, све је исто само њега нема.
адв. Владо Чингоски
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.