јануари 24, 2015

Никако, не сакам да наметнувам свои мислења, како апсолутна вистина, но сакам да си го кажувам своето мислење. И тоа го правам секаде каде што ќе ми се даде можност. Тоа е некако, како празнење на душата, како димитрин или дијазепам, па можам да си легнам, да си спијам, онака раат, без ништо да ми тежи на душата.

Но, секако  тоа презентирање на моите мислења  и тоа како ми се враќаат и тоа жестоко и со огромни последици не само на мене, туку, посредно, и на моето семејство. Но, како и да е, секогаш се трудам да бидам објективен и коректен во моите размислувања, толкување, без оглед за кого се работи (колкава е таа објективност и тоа е прашање, нели луѓе сме и имаме емоции, различна перцепција на стварноста, на појавите дури и на физиономијата, па така она што мене ми е убаво на друг му е грдо, она што за мене е добро, на друг му е лошо и обратно).

Долг вовед, за тема, за која сакам да дадам свое размислување, а да небидам сватен дека некого бранам, а друг напаѓам (само да не се свати дека се обидувам, да напаѓам или да бранам, а да не ми се налути никој, тоа го оставам на НИВ, а мене ми е важно да си го кажам она што го мислам).

Елем, вчера и денес, најактуелно е исклучувањето на ЈП „Билјанини извори“ и ОУ „Григор Прличев“ од електричната мрежа од страна  на ЕВН. Настан што не се случил ни прв пат, а сигурен сум нема да биде ни последен. Секако дека е незгодна ситуација за Градоначалникот и раководството на овие институции, и секако дека ќе бидат изложени на остра критика на опозицијата.

А, спротивно на тоа нормално дека власта ќе ја обвини опозицијата за недомаќинското работење во изминатите 8 години , кога биле на власт. И се така во круг. Ајде, да кажеме дека опозицијата, СДСМ, е виновна дека оставила долгови во Охрид и затоа нема средства за исплата на потрошена електрична енергија или нафта.

Но кој во изминативе 8 години, беше на власт, еве, во Струга, па и таму немаат средства за струја и нафта. Кој беше во Кичево, Битола и други општини кои ги имаат истите проблеми како  во Охрид?

Еве и да прифатиме дека има и субјективна одговорност  на претходната  власт во Охрид, а верувам дека и  има, не можам да прифатам, дека во 2005 година СДСМ после 9 години владеење, најпрвин на Социјалистичка партија (1996-2000) и ВМРО-ДПМНЕ (2000-2005) им оставиле чиста сметка, како на општината, така и на општинските јавните претпријатија.

Нека се проверат и сметките на основните и средните училишта, кои до 2005 година целосно беа под Министерството за образование и наука, а кои се превзедоа од страна на општината, со имплементирањето на Законот за локална самоуправа (јуни 2005). Долговите на спортската сала, која се превзеде од Агенцијата, обврските кон „Гранит“, во периодот кога СДСМ не беше на власт, па долговите на другите претпријатија, кредитни задолжувања. Тоа значи дека овие долгови не се направени во 8-те години од владеењето на СДСМ, туку многу порано.

Сосема друго е прашањето дали можеше да се намали долгот во тој период? Секако дека можело. Но, се поставува и друго прашање, а тоа е дали од 2006 до 2013 година, кога во Охрид градоначалник е кандидатот на СДСМ, а во државата е ВМРО-ДПМНЕ, имало или можело да има кохабитација, со тоа што, доколку имало, можело и подобро да се менаџира со општината.

Во контекст на одговорноста за ваквата ситуација, секако треба да се анализира  и односот на Градоначалникот наспроти партијата. Градоначалникот со надлежностите кои ги има, е посилен од општинската партиска организација и може да влијае на сите партиски одлуки, не секогаш во интерес на граѓаните.

Односот на Градоначалникот и општинската администрација спрема Советот на општината. Иако, Советот е преставнички и нормативен орган и орган кој ги носи актите, кои Градоначалникот мора да ги спроведува и одговара за реализацијата на истите, орган кој треба да биде над градоначалникот и негов коректив, тој во пракса е само инструмент во рацете на градоначалникот и аминувач на сето она што градоначалникот и администрацијата го замислиле.

Крајно, за ваквата состојба, вина има и централната власт од 2005 навака, заради застојот на имплементирање на децентрализацијата и финансиското осамостојување на општините. Паричникот, и она што е во него, тешко се дели, а камоли да се даде на друг. Особено, ако е за полнење на истиот, а уште потешко некој друг да одлучува за трошењето на средствата што се во него.

Затоа, меѓусебните обвинувања, нема ништо да решат. Треба да се направи заедничка стратегија, ако се има волја, од сите политички субјекти, без да се собираат дневно политички поени. Зошто, процесот на раздолжување, бара мерки и активности на штедење, планирање и сигурно дека нема да завршат за наредниве две години. Ќе потраат, со сериозна работа најмалку уште еден мандат, а дотогаш можеби на власт ќе бидат други. А и како да е, да не слушаме, уште долго време, исти обвинувања и контраобвинувања, туку да сме сведоци на решавање на проблемите во нашиот град, не во интерес на политичките партии, туку во интерес на граѓаните. Зошто очигледно дека не е само Охрид во ваква состојба, ги има многу во нашата Македонија.

адв. Владо Чингоски

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука