јануари 24, 2015

Последната колумна во проектот 046 – За Охрид се зборува, ќе ја започнам со изразување на благодарност до OhridPress, за отстапениот простор и дадената можност да ги изнесам своите мислења и ставови за состојбите или актуелните настани во Охрид.

Реакциите на моите пишувања во изминативе 60-тина дена, беа различни. Едни – У лице – ми кажуваа дека сум бил слабо читан и дека не сум во право и дека настапувам опозиционо, други, па добро, до некаде си во право, но сум бил против опозицијата, трети ме фалеа за напишаното.

На сите им благодарам за нивните изградени и изнесени ставови.

Како одговор на критиките ќе кажам само дека се трудев да бидам објективен и да ги изнесам моите и само моите ставови и мислења за актуелните збиднувања во Охрид, без притоа да се потпирам на дневнополитички анализи и давање на оцени.

За крај, сакам со кратка анализа, да ги потсетам читателите на најубавата песна за Охрид, под наслов – „Охрид, Охрид убав мил“. Песна напишана пред 80 години, од страна на легендарниот охриѓанец Сотир Димитровски – Sингл.

Со каква љубов, авторот, во песната, го опишува Охрид, како рај. И во тоа не згрешил. Но и сета негова љубов, кон овој рај, не успеала да го задржи во Охрид, туку тргнал да оди на печалба, во туѓи, далечни земји.

Што го натерало Sингл, да го напушти рајот?

Дали природниот рај, она што го дал господ или природата, не е доволна, за луѓето да бидат среќни, па се решаваат  да одат во некои други земји, каде нема  природен или господов рај. Штом, заминуваат од овој природен рај, сигурно има некој проблем.

Ако пред 80 години, напуштањето на Охридскиот рај, било причинето од тешката економска состојба, од ропството, од политички фактори, што е тоа што денес ги тера охриѓани да го напуштаат овој рај?

Рајот, овоземскиот, не е само, природните (за атеистите) или Господовите (за верниците) убавини. И тие убавини бледеат, се губат, доколку не се чуваат, одржуваат. Грижата за рајот може да ја водат само луѓето.

Но кој луѓе?

Оние кои работаат, создаваат. А за да работаат им треба услови.

Ако немаат услови за работа, тогаш, чарето си го бараат таму каде што има услови, каде има економска сигурност, иако нема рај како нашиот Охрид. Без такви општествено – економски услови, само ќе можеме да си ја пееме „ОХРИД, ОХРИД УБАВ МИЛ“, со илјадници километри далеку од него, западнати во носталгија.

А, може да биде поинаку.

Охрид, може да биде рајот, а миграцијата,печалбарството да биде минато.

За тоа треба малку.

Ни треба, да ја тргнеме злобата од нашите срца, да се сплотиме, без разлика на политичката, верската, националната припадност во тенденцијата Охрид и Македонија да ја направиме пристојно место за живеење. Да ги изнајдеме и   носиме оптимални решенија за решавање на натрупаните проблеми и во интерес  на целата заедница.

Недостаток на квалитетни  човечки ресури, немаме.

Имаме проблем во водењето на кадровата политика.

Квалитет имаме, квантитет уште повеќе, само треба колективната свест, за малку да ја промениме и секој да го завземе местото каде ќе го даде својот максимум.

Тогаш, песната на Sингл, ќе ни биде потсетување на едно тешко минато, а не слика за денешницата.

адв. Владо Чингоски

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука