јануари 24, 2015

Почитувани,

Насловот на оваа моја последна колумна во проектот „046 ЗА ОХРИД СЕ ЗБОРУВА“ е компилација на насловите од претходните колумни.

Не случајно беа избрани токму тие наслови и не случајно беа напишани тие зборови низ кои се гледа или треба да се согледа динамиката и промената на градот Охрид низ очите на една генерација. Некогаш меѓу редови, некогаш некои редови беа наменети за сите кои се пронајдоа, некогаш некои пишани редови не беа наменети за некои кои се пронајдоа, но тоа се колумните! Но, ако ги прочитаа барем дел од моите колумни и оние кои требаше да се пронајдат и оние кои не требаше, тогаш ефектот сепак е постигнат.

Низ овој циклус се обидов преку мој аспект да доловам перцеција за она што Охрид денес преставува или треба да претставува. Можеби погрешно, можеби не, но во секој случај со право кое го поседува еден човек кој го сака својот град! Можеби тоа е невозвратена љубов од градот Охрид, бидејќи за да го сакаш и да можеш да функционираш мора и да имаш можности за тоа. Не може да преживееш само со апсорбирање од убавините на овој град, туку тие треба само да преставуваат врв на духовните благодети кој треба да се поседуваат.

Останаа неколку текстови кои не успеав да ги споделам, останаа многу примери и личности, случки кои треба да бидат спомнати…токму тука мора да спомнам моите современи Охридски ХЕРОИ кои ги пронајдов функционирајќи во овој наш град…на момчето од паркинг со титула магистер кој го сака нашиот град и не го напушта, на таксистот кој е доктор на науки и кој сака да остане во нашиот град, но и обратно на оние кои имаат премногу и можат да живеат кај сакаат но сепак остануваат да живеат во овој наш град – „ЉУБОВТА КОН ОХРИД Е НЕКОГАШ (НЕ) ЛОГИЧНА“. Сите ние ќе бидеме дел од некое минато на Охрид само доколку сме дел од градот. И сите треба да пронајдеме начин за подобро утре за нас, а во интерес  кон нашиот град. На Охрид, природата му  подарила се што може да му подари, времето (историјата, претците) ни подариле се што може да ни подарат, останува да видиме што може ние да им оставиме на генерациите кои доаѓаат…па можеби и во некое друго време но во ОХРИД, повторно ќе се именува некоја колумна „ГЕНЕРАЦИЈО МОЈА“ во која ќе бидат спомнати успесите или неуспесите од идните генерации, но и нашите…доколку се спомнат успесите од наше време, тогаш можеби тие кои ги постигнале ќе бидат пример за многумина кои ќе викаат „ЕХ, ДА МОЖАМ ДА ГО ВРАТАМ ВРЕМЕТО“ и да направам како нив. Но секогаш е битно да се тргне од личната перцепција и од она што би можело да се подобри или да се остави како аманет за ОХРИД кој доаѓа. А според мене  оваа моја последна колумна ќе ја завршам со насловот со кој почнав овој циклус колумни, односно дека на сите нас треба да ни биде значајна „ОХРИДСКАТА КАЛДРМА“ која е симбол на истрајноста на сите генерации кои поминувале, поминуваат и ќе поминуваат низ неа!

На крај, би сакал да изразам го изразам моето огромно задоволство до редакцијата на  OHRIDPRESS, особено до г-динот Сашо Митаноски за можноста да бидам дел од овој прекрасен проект. СЕ гледаме понатаму, во друго поубаво време (не велам дека ова не е убаво време туку велам дека секогаш може да биде нештото поубаво 🙂

Имај убав и лесен ЗИМСКИ СОН, мој Охриде!

Со почит,
Никола Митровиќ – Бабе

0462opstoweb

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во вториот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од октомври до декември 2014. година, ќе пишуваат и дебатираат Владо Чингоски, Ванчо Костоски и Никола Митровиќ – Бабе.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука