мај 10, 2017

Скопје/Охрид, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Уставниот суд на Република Македонија на денешната седница треба да ги разгледува иницијативите за укинување на два члена од Законот за локална самоуправа и од Изборниот закон со што ќе се овозможи градоначалниците и советниците да останат на своите функции до одржувањето на локалните избори.

На истата седница ќе се одлучува и дали може да почне исплатата на субвенциите за земјоделците.

Иницијативата која се однесува на градоначалниците е трета точка за седницата што ќе се одржи денеска, а со неа се бара оценка на уставноста и на законитоста на член 35, став 1 и на член 49 од Законот за локалната самоуправа, член 16, став 1 и член 16, став 1 во делот „во првата половина во мај“ од Изборниот законик. До Уставниот суд иницијативи за продолжувањето на мандатот на градоначалниците и на советниците поднесоа Министерството за локална самоуправа, Министерството за правда и од Светскиот македонски конгрес.

Локалните избори требаше да се одржат во првата половина на мај, но поради тоа што не беше избран претседател на Собранието, истекоа сите рокови за нивно распишување во предвидениот термин.

Заедницата на единици на локалната самоуправа апелира и сугерира Парламентот на Република Македонија, итно и без одлагање, а најдоцна до петок оваа недела, да изнајдет решение за мандатите на градоначалниците и општинските совети. Една од можностите, според ЗЕЛС, е измена на Изборниот законик, наместо прва половина да се утврди нов датум за одржување на локалните избори.

Уставните судии на седницата ќе ја разгледуваат иницијативата поднесена од земјоделското здржение Агротиквешија со која се бара оспорување на членот од Изборниот законик според кој е забранета исплата на субвенции се до фомрирање нова Влада. Дел од агроекспертите очекуваат Уставен да го оспори членот, оти се работи за редовни исплати планирани во Буџетот.

Иницијаторите бараат оценка на уставноста и законитоста на член 8-а став 1 во делот: „и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите“ и алинеја 1; став 2 во делот: „и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите“ и алинеја 1; став 3 во делот: „и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите“ од Изборниот законик и член 11 став 1, ставови 2 и 3 во деловите: „и изборот на Владата на Република Македонија согласно со резултатите од изборите“ од Законот за спречување на корупцијата. (Крај)

извор: МРТВ фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука