Белград, 10. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Угледниот белградски издавач „Архипелаг” ја објави на српски јазик претпоследната поетска книга на Ристо Лазаров, само шест месеци по нејзиното појавување на македонски јазик.
Во последната деценија, ова е четврта книга на Лазаров објавена на српски јазик.
Негови книги се преведувани и на десетина други европски јазици:англиски, руски, чешки, словенечки, бугарски и други.
Автор на поговорот кон српското издание на „Мрак” е познатиот српски поет Слободан Зубановиќ кој посебно го нагласува јазичното богатство, актуелноста и комуникативната моќ на поезијата на Лазаров.
– Една од првите примисли по читањето на ракописот „Мрак” на македонскиот поет Ристо Лазаров е таа дека песните од оваа збирка не можат да се читаат, на пример, по лагоден ручек или со чаша добро вино, уште помалку во лежечка положба, која го визира пристапот кон угодниот и лесен сон. Најмалку во оној час кога силуетите стануваат сенки на светлоста му допушта на мракот да ја замени на одредено време. Мислата, којашто поетите одамна ја прифатиле, дека во вечноста нема мрак, тоа ќе каже ноќ, оди во прилог на тие заклучоци Нештата изгубени во убавите времиња, слично на годините што ги изеле скакулците, не се враќаат; по нив чувствителноста станува рефлекс на нештата кои поминале, пишува Зубановиќ.
Неодамна поетската книга „Лавиринт” на Ристо Лазаров излезе на чешки јазик. Обете изданија се реализирани без помош на Фондот за превод на македонската литература во странство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива