Морам да признам дека јасното и гласно искажување и дебатирање на студентите во нашата Држава, ме израдува и ми покажа на некој начин дека можеби иднината ќе ја кројат млади луѓе кои ќе имаат свое критичко размислување и чувство за подобро утре.
Млади со јасно познавање на суштината на нивото посетоење не само како единка, туку и како дел од Целината односно како општествено одговорни граѓани. Имено, синергетскиот позитивен ефект се добива кога има фидбек од двете страни, Државата кон граѓанинот и обратно Граѓанинот кон државата.
Имав дури и можност лично да поразговарам со дел од студентите, кои пријатно повторно ме изненадија со своето познавање на регулативата и подреденоста во областа високо образование т.с. област која е од нивни интерес. И тоа е за поздравување, бидејќи Боже мој, поголем дел од овие што седат по канцеларии не знаат ни бар ронка од тоа децата што покажаа и кажаа. Ете браво за студентите, да знаат претпоставените со какви генерации имаат и ќе имаат работа и дека не баш така лесно и мазно ќе и оди работата на секоја „бубашваба седната на фотеља по институцииве“.
Да, баш вакви студенти му се повеќе од потребни на Премиерот и Неговата зацртана Агенда за менување на системот, како и опсежот големината на критичниот на проактивен момент во сивата маса на музочните виуги кај народот.
Сметам дека овој момент со протестите на студентите дури е во полза на Премиерот. Редно беше, да се разбранува тишината на вакумот кој претпоставувам се презентира од почетното, работник, ниво, преку раководител, главен менаџер на институција, асистент, до професор, повторно до главниот менаџер, и сетоа тоа преку Министерот до Премиерот. Овој синџир со поврзани алки не е само карактеристичен и не важи само во приватниот сектор, драги другари и другарки, туку менаџерско маркетиншките постулати и поврзаноста на алките во системот важат насекаде, од бибилотеката, до мензата, од шалтерот па до фотељата на Министерот и Премиерот. Сме заборавиле низ годините поминати во „медитирање и вегетирање“ дека се не зависи од тие горе, туку од кругот на тие долу до горе и обратно, секако со најголема тежина и одговорност на Зборот на тие Горе.
Осврнувајќи се на реакциите на поголем дел од професорите, кои се дел од високото образование, по однос на предлог законот за изменување и дополнување на законот за високото образование, посебно делот кој се однесува на воведување Државен испит, според мене се легитимни и секој треба да каже и да допринесе за подобро решение, исто или модифицирано, се со цел подобар квалитет на интелектуалците со диплома од високо образование кои ги пуштаме на пазарот на трудот.
Морам да заклучам дека во новиот Закон за високо образование оној од 2008 година, па со сите негови измени и дополнувања до сега, се внесоа и се вклопија во правна рамка најголем дел од мерките и алатките кои покажале позитивни резултати во развиените западни земји, и на тацна ни беше дадена можност за нивно имплементирање во пракса. НИЕ сите потфрлиме во тоа. Тука ги вклучувам и државните и приватните универзитети, кој помалку кој повеќе.
Постојано со секоја измена на Законот топ тема на дебатирање беше колку многу биле Високи казните односно глобите за непостапување по закон. Ова исто е како, кога се донесе законот за против плукање по улица при што тој прекршок ќе се плаќа 50 евра во денарска противвредност, прво што беше коментар кај нас македонскиот народ: Е кај ќе му најдам толку пари за едно плукање?… при тоа не помислувајќи дека целта не е да се наплати, туку да се превенира и спречи. Ете вака некако одеше имплементирањето до сега на новите напредни покажани и докажани алатки и прописи во западните развиени земји во делот на високото образование, донесени во Република Македонија….
… на Принцип: мижи да ти бајам! Важно се покриено со позитивни документи во кои сите тврдат и приватни и државни универзитети дека се е во ред, имплементација Глава боли од што е фантастична, за да сега наидеме на статистички поткрепени квалитативни податоци дека Не не бива, и тоа докажано и покажано преку кадарот кој излегува од академските клупи, и се вклучува во работната фела на државата.
Почитуван Премиере, верувам дека и Вие сфаќате дека протестот на кој излегоа студентите и професорите е во Ваша полза, можеби е време да размрдате и растресите околу Вас, и да проверете дали се што било Ви било напишано, било и реализирано?!
Џабе е и најдобриот Министер да го поставите да го води Министерството, ако нема систем кој ќе функционира, а тој систем не може да биде функцинален кога дел од него се: неинвентивни, непрофесионални, нестручни и кадри без капацитет за својата работа, кадри кои се од времето на уважени госпоѓи и господа без р’бет, но и млади кои тргнале по нивниот терк, тешко за нив но уште потешко за фелата.
Никогаш нема да зборавам дека додека беше Министер Никола Тодоров, бев фасцинирана од ентузијазмот, посветеноста со која пристапува, од тоа дека немаше Каприц да се јави дури и на најобичен Административец, се со цел да се реализира навремено и онака како што е целта и стратегијата на утврденото. Е да… но, за да има добри резултати треба да се тргнат и ослободат, и тоа не само Министрите, туку и делот од поширокиот кадар од синџирот во високото образование, од канџите на човеколиките паразити кои се присутни и секогаш блиску до Главните во секоја институција, без разлика која власт е, без разлика која партија е.
Никоја реформа, поготова онаа што е земена од искуството на веќе докажана и напредна земја, не е лоша! … Да, можеби секогаш треба модификација на предлозите и идеите, со цел поставениот предлог да се прилагоди на особеностите на матичната земја каде ќе се воведува, но секако секогаш За Реформи!
Очекувам плодни дебати и дискусии, но не само за овие нови прашања, туку и за се останато што, можеби, требало да се реализира од 2008 до сега согласно новиот Закон во високото образование, по закон, по дадена стратегија, по акциони планови и слично, а од тоа сме виделе само тони хартија на „лепе речи“ од Мене до Тебе, а во позадина лоша имплементација, организација и недостаток на конкретни резултати во пракса кој ќе бидат признаени од претприемачите како краен линк на валоризацијата.
И за крај, не дозволувајте повеќе Опашката да ја јаде Главата, зошто никој никогаш, ни во иднина ни денес, нема да ја прозива Опашката, секогаш и сите, и сега и во иднина, за се ќе ја прозиваат Главата, и ќе ја кажат старата народна дека: рибата смрди од главата…а дали е така?!
Климоска Катерина
** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.
Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.