јануари 24, 2015

2014 … изминува, и што? Нешто различно од останатите? Не и за Македонија! Истите понори на самоуништување и доследно потопување на сопственото достоинство.

2015… различна ќе биде?! Нема голема веројатност, за жал….
… освен доколку:

– почнеме да ги вреднуваме работниците;
– почнеме да го вреднуваме квалитетот;
– почнеме да ги вреднуваме Умовите;
– почнеме да ги вреднуваме принципите и професионалноста;
– почнеме да ги вреднуваме моралните и етичките постулати;
– почнеме да го вреднуваме напредокот и иновативноста, интелегенцијата и правдината.

Но, што да кажам, нема изгледи за тоа!.. бидејќи сигурна сум дека и во 2015 година:

– ќе се целуваат безрбетниците;
– ќе им се улижуваат на дволичните и безличните;
– ќе се величаат безимените, за да можат да се издигнуваат неправедните!

Сигурна сум дека и во 2015 година „госпоѓите“ од „важните“ канцеларии ќе се заклучуваат за да покажат колку се уморни и одважени за останатите, сигурна сум дека и да се појави мала светлина на нов отворен Ум ќе биде Згазен од „госпоѓите“ за да не го попречат владеењето на нивните Сенки….

……..и најмногу од се не верувам дека нешто ќе се промени во 2015 година бидејќи повторно по институциите ќе бидат истите луѓе без ронка капацитет, умешност и харизма за реализирање на реформи, напредок и проактивен дострел во општеството!

…….Оние малкуте исклучоци од оваа сива маса, ќе продолжат да се борат со ветровите на лажните обвинувања, замки, клевети, местенки, или едноставно како повеќето паметни луѓе во нашата Земја – ќе купат карта во еден правец и ќе одат каде што се вреднува Човекот, а не маската!

…….И ете ја Македонија, сива ама безбедна за паразитите, и во 2015 година! Македонија која се гуши без воздух меѓу административните ходници, од „госпоѓите“ со лажни постоења.

Но ете, иако нема изгледи за исполнување, ќе се обидам да си замислам неколку желби и за 2015 година, и тоа две:

– се надевам во 2015 година ќе се создаде Ноевата арка на светлината во Македонија;
– се надевам дека во 2015 година ќе се уочи дека за добра Држава потребни се општетвено одговорни проактивни и интелигентни граѓани, и таквите ќе почнат да се ваѓаат и чистат од нафталинот.

Но, никако, ама Никако, сето ова нема да може и Неможе да се реализира со истите квази интелектуалци седнати по административните државни фотелји!

Денес оние по заклучените кафе-пијанки канцеларии не убедуваат, нас, но и Тие Горе, дека од секое од нивните дрва бива свирчиња, а всушност тие се тие кои се неупотребливи…..

Дали и во 2015 година ќе дозволиме таквите да се удомат и згнездат, и кревајќи раце ќе посегнеме по карта во еден правец од Македонија, или во 2015 година ќе кажеме НЕ на замирисаните со пајажина Глави и ќе почнеме проактивно, одговорно, и со љубов да ја градиме нашата Земја?!

Да потсетам дека ова не е текст за која и да било Власт, ова е реалноста за функционирањето на државната администрација во нашата Земја (од најмалиот до најголемиот град и општина), таа е таа која како Грини го јаде здравото ткиво на нашата иднина…. изборот е наш.

И би завршила со фантастичен натпис кој го позајмувам и го упатувам до сите „госпоѓи“ (мажи и жени) кои за заштита на нивниот „топол гз’“ газат живи лешови:

– Извинете, не ви е ладно така без душа?! И така и во 2015?!

п.с. секоја чест на исклучоците, дел од малата светла критична маса!

Катерина Климоска

zaednicka046 3

** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во третиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од декември 2014. година до јануари 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат Жаклина Лазаревска, Тони Симоновски и Катерина Климовска.

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука