јуни 30, 2017

Охрид, 30. јуни 2017 (ОХРИДПРЕС) – Како стоиме, денеска, со „Македонцките работи“, како што пишуваше истакнатиот идеолог на македнската национална посебност, личноста број еден на личност на македонскиот 20 век – Крсте Петков Мисирков? Денеска, век и четврт, се` уште распнати меѓу славното минато, грдата сегашност и неизвесната иднина. Денеска кога Македонија се редефинира, се самообновува, после сеопштиот и сенационален рушилачки поход на ордите со манири на предполитичко доба, после еднодеценискиот погром на вистинските вредности, во замена за кичот, невкусот, лажната грандиозност…

По овие прашања, денеска во Охрид, отворија дебата, повозрасните, загрижените за иднината на своите деца и внуци – од средната генерација, граѓани на Охрид но и на други градови, слушаа и даваа мислења, во разговор со двајца македонски генерали во пензија, кои и лично, кога беше неопходно, стоеја на браникот на одбраната, слободата и македонската опстојба. На средбата беа и генералите: Илија Николовски, пратеник  и претседател на Партијата на обединетите пензионери и граѓани на Македонија (ПОПГМ) и Филип Котели, охриѓанец, претседателот на Сојузот на здруженијата на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија. Истата беше одлична прилика, да се споделат искуствата и да се направи договор – Како понатаму?

– Излезот, реафирмацијата на нашата држава, дома, во опкружувањето и на поширок меѓународен план, зависат од сите нас. Ние од средната генерација, ги повикуваме младите, да ни се придружат, да ги споиме искуството и мудроста со младоста и ентузијазмот. Во делот на зачувувањето на целовитоста и интегритетот на земјата, со искуството на сите поранешни припадници, денес здружени како ветерани од одбраната и безбедноста на Република Македонија. Во делот на политичкото организирање, сега, веќе, и преку парламентот, како дел од парламентарното мнозинство и владината коалиција. Очекуваме и веруваме, дека од вечерва, Охрид, како град, со сиот интелектуален капацитет, силно ќе ги поттикне и збогати нашите активности, рече Николовски.

Пензионираниот генерал Филип Котели, нагласи дека во овој актуелен момент, мирот, безбедноста и взаемното почитување и разбирање, се од животна важност, не само за граѓаните во нашата земја, туку и во соседството и регионот.Не случајно една од нашите средишни активности се нарекува „Чекори за мир“, а нашето членство, е пример како треба да се соработува со сличните асоцијации од соседството.

По  средбата, која се претвори во конструктивна дебата, во делот на политичкото организирање, поголемиот дел од присутните, на посебна седница, избраа раководство на Огранокот на ПОПГМ, за општина Охрид. Претседателската функција му е доверена на новинарот во пензија, публицист и политички аналитичар – Веле Митаноски, а потпретседателската на Виолета Велјаноска, познат активист од Охрид.

– Нашата татковина само што се врати назад од последната стапка-пред понорот. Се вратија и надежите дека ќе не биде, се врати оптимизмот, се` уште – претпазлив, затоа што е долг процесот и не е лесен патот што треба да се изоди – од заробена држава, до слободно општество и демократија. Без разлика на годините, здравствена и физичка кондиција, немаме право на молк, сеирџиство, неутралност – во ладна заветрина. Секој од нас, треба да биде промената што ја сака и очекува да ја види во својата татковина, рече Митаноски. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука