Скопје, 1. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, денеска во Скопје треба да го потпишат договорот за пријателство, добрососедство и соработка.
Бугарската делегација на чело со Борисов во земјава ќе престојува два дена, а треба да пристигне во Скопје во 11.30 часот. Потоа, Заев и Борисов ќе имаат тет-а-тет средба. Според агендата, двајцата премиери ќе го потпишат договорот во 13:35 часот, по што ќе дадат изјави за медиумите. Договорот треба да биде потпишан на македонски и на бугарски јазик.
Инаку, овој договор беше најавен за време на посетата на премиерот Заев на Бугарија, кусо време откако стапи на функцијата. На 18-ти јули во македонскиот Парламент, зад затворени врати, беше разгледан договорот, а на јавноста и беше презентиран на 26-ти јули.
За време на посетата на Македонија, Борисов ќе се сретне со претседателот Ѓорге Иванов и со претседателот на Собранието, Талат Џафери, а ќе бидат остварени и бројни билатералнио средби меѓу македонските и бугарските министри.
Утре, на денот на одбележување на националниот празник Илинден, предвидено е заедничко чествување во црквата Свети Спас во Скопје, каде се наоѓа гробот на Гоце Делчев.
извор: Р.С Европа фото: архива