Спорт

Лазаров најави ракометен камп во Охрид

Охрид, 25.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Капитенот на македонската ракометна репрезентација Кирил Лазаров, преку својата официјална веб страна го најави почетокот на нов проект – „Ракометниот камп Кирил Лазаров 7“ кој годинава ќе се одржи во Охрид во периодот од 22 до 28 јуни.

Лазаров веќе се договорил со агенцијата за спортски маркетинг, консалтинг и менаџмент „КМГ Спорт”, да биде нејзино заштитно лице, а агенцијата да го организира кампот.

– Се чувствувам среќен и возбуден што можам да најавам дека овој јуни конечно ќе го организирам мојот прв ракометен камп за момчиња и девојчиња од 10-17 години во соработка со агенцијата за маркетинг, менаџмент и консалтинг КМГ СПОРТ, чие заштитно лице ќе бидам во наредниот период. Овој камп ќе биде несомнено мојата најдобра спортска инвестиција во било која сфера во животот, инвестиција во младите. Подготвен сум да одвојам време, подготвен сум цело мое знаење и искуство стекнато во текот на кариерата да го пренесам на младите во мојата родна Македонија. Спортот е нашиот најголем амбасадор во текот на целото наше постоење, а ракометот е спорт број еден во Македонија, изјави најдобриот македонски ракометар.

Лазаров додава дека на младите им треба надоградба, квалитетно школување, спортска култура, начин на исхрана, спортска психологија, квалитетен тренинг, а се со цел да прераснат во врвни ракометари кои во иднина со гордост ќе го носат дресот со националните обележја.

– Секако дека покрај спортските тренинзи на кампот ќе има многу дружење и забава. Ќе се потрудам на кампот да ги донесам најдобрите и најголемите ракометни имиња кои им се идоли, но и од кои нашите момчиња и девојчиња ќе имаат што да научат, истакнува Лазаров. (Крај)

извор: МИА фото:архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука