046 - За Охрид се зборува

Карали: Бело Дугме и Тач скрин

Охрид, 26. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Тие на работа одеа од  седум. До осум го пиеја првото утринско  колективно кафе.

После кафето детално ги прелистуваа сите два весници „Вечер“ и „Нова Македонија“ уздуж и попреко. За волја на вистината, „Новата Македонија“ мораа да ја листаат со помош на некој колега, затоа што форматот беше проектиран да завиткаш Македонец – со просечен раст.

Откако ќе завршеа со читањето пристапуваа кон сериозна анализа на политичката состојба во земјата, со посебен осврт на надворешната политика и теориите на заговор. После испушено повеќе од пола пакло „Југославија“, околу десет часот започнуваа со напорната работа.

Тие поручвеа од 10:30 до 11:00 часот, во работничка менза. Геврек со јогурт за нив не беше топол оброк. Напорната работа ја продолжуваа до околу еденипол часот кога го мљацкаа два-тринаесетото кафе со второто пакло цигари. Во три ѕвонеше за крај – три и пет беа веќе надвор.

Возеа Стоедени и Фича по охридските улици, од работа кон својот општествен дом. Дома ручаа во три и пол. На зима беа во папучи пред телевизор во омилената фотелја. Жените со комшивките, дур требаа ориз за наредниот ден, вртеа по некој филџан кафе.

Турските серии уште не беа измислени.

Тие летно време после ручек монтираа напумпано „Канео 3“ на багажникот од „стокецот“, едно масиче од „Лихнида“ на расклопвење со два стола, родената жена, децата, дел сопствени дел комшиски и шибаа на плажа – правац „Горица“. На плажата беа со пивце, шешир со дупка во сламата и дремка под дебелата сенка онде под дрвана шо ги немат сега.

Чат пат наместо дремење, да не е џабе масичето, удираа по две три партии табланет или хант, за да врвит времето, дури децата им  користеа поручечка плажа во работен ден. Нивната плажа во викенд беше прича сама за себе. Со кајче од кј каналон рано сабајле. Кајчево го оптеретвеа до максимална носивост, принцип  пола од нивната кујна, пола од комшијата шо идат со нив. По пат јадеа геврек од „Жито леб“ со паштета и патлиџан. На полпат на нивната пента се кршеше кајлата, а резерва имаја снемано. До првата слободна дива плажа продолжвеа со весла. Жените ја завземааа плажата со сите крпи од по дома. Мажите лоцираа солидно место за оган за скара, инсталираа решетка, назначуваа одговорен за пафтање и одговорен за вртење на месото и се ракијаа до првото пиво, негде околу три и пол саатот. Нивните деца се праеа ракој во плешчите и образите, зато шо крем против сонце имаше во Рубин Кармин, ама беше за турусти.

После скарата обавезно без исклучок јадеа карпуз, врзан со скаутски вештини во плитконо заедно со пивцата да се ладит. Карпузот сите го конзумираа на традиционален начин, секое уше да чепкат по еден крај на фељката. Другиот викенд, наместо скара, тие влечкаа тава со полнети пиперки од дома и задолжително таратур за освежење. За нив вечерта беше посебна, кошулче на траперица, бел чорап и еспадрила. Построени ергени пред дуќанине на „Охридска трговија“, од чинарон до плоштадон, со семки задеваа момички по корзо.

Тие имаа сендвич со пет кебапи к’ј „Летница“ во векна, Кокта или Јупи на терасана во „Палас“. На први имаа плата, К-15, во јуни лански одмор, во Август колективен. За нив Грција беше бедна дестинација, до Лептокарија во Фичо четворица, плус патлиџани, плус пиперки, плус душеци, а капакон назад им беше потпрен со дрво. Стокецот им нудеше можности за патешествија по Јадранска магистрала од Улцин до Трст.

Црвен пасош, во џебот од зимските фармерките – летно поткастрени. Тие го имаа Бело дугме на нивното радио. Голф кец за нив беше Спејс шатл. По некоја Германка или Холанџанка ќе им налеташе авто стоп, да имаат на внуците што да им раскажуваат. Времево за нив течеше  квалитетно, бензинот никој незнаеше колку пари е, возеа нови коли од домашно производство, се` им беше на кредит, сите беа весели и среќни, и пееја, пееја песни, чиниш на убајната и немат крај.

Ние сме далеку понапредна генерација. Ние сме успешни бизнисмени, имаме компјутери. Ние имаме интернет, имаме блутут, вајарлес, онлајн продавници, полни кредитни и празни дебитни картици. Ние возиме странски коли со малку поминати километри од баби од западна Немачка. Ние имаме изгубени генерации, имаме и демократија исто така. Читаме онлајн весници, ама од нив немојме капа за варосвење да напрајме, нити мува да опериме. Се чаламиме со скутери, глисери, сипорекс станови, лежалки, крема за сончање дневна и ноќна, рејбан цвикери со диоптер.

Ние имаме Тач скрин наместо Бело дугме.

Одработуваме квалитетно работно време од јутра до сутра. Ручаме во шес(т) поручек, од пљачките за на работа дирекно в пиџами. На плажа немат кога да ојме. Гледаме маратонски турски серии, мали невести,  големи и розови ѕвезди. По улица сами зборвиме. Сите сакаме да сме пејачи, глумци и политичари или да работиме во Општина.

Имаме право да гледаме длабоки деколтеа, (е тука сме понапред).

Слушаме жени со бради на Евровизија. Имаме музика од две ноти, плаќаме скапи ди-џеи шо никој не ги знајт. Имаме Мекдоналдс сендвичи со гумен кашкавал, мајонез екстра ларџ, добра цена на бензинот и Кинг сајз кревети.

Имаме потреба од било каква работа. Имаме магистри и плата како историска категорија. Имавме К-15 забавна емисија, ама и таа се потроши. Имаме потреба од Одмор, ама не ни следува. Нашите ученици имаат ташни од 100 кила и дополнителни приватни часој по се`. Апарати за сликање без филм со неограничен број на слики по разни прегорени хард дискови од претходните компјутери, илјадници Тв канали а ниедна програма, бесплатни минути кон сите мрежи и високи сметки. Ние сме без албуми на познати пејачи, без идоли, без постери, без беџови, без везе…

Секој ден чекаме нешто, ама не знајме шо чекаме, нити то шо го чекаме некогаш ќе дојде. Ние негде брзаме незнајме каде, веројатно се тркаме кој побрзо ќе го поминит ова по крај нас, шо порано се нарекувало живот.

Александар Карали

046 4 Zaednicka** „046 – За Охрид се зборува“ е проект на Супер радио и OhridPress и истиот има за цел да се сврти вниманието на охридската јавност кон одредени теми. Објавувањето колумни и мислења од надворешни автори е одраз на намерата – Супер радио и OhridPress да бидат вистински глас на заедницата и да објават различни мислења, но и начини за подобрување на одредени состојби. Напоменуваме дека не се согласуваме секогаш со ставовите што ги изнесуваат колумнистите. Супер радио и OhridPress се оградуваат од евентуален навредлив речник и конотации, и ги сметаат за непримерни во јавната комуникација.

Во четвртиот дел од „046 – За Охрид се зборува“, кој ќе трае од почетокот на февруари 2015. година до крајот на март 2015. година, ќе пишуваат и дебатираат адв. Александар Карали, Спаско Костоски од здружението „ЕКУЛТУР“ и интернационалниот водич во планина Антонио Додевски.

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука