Охрид, 20. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Јован Стојановски официјално седна во градоначалничката фотелја и од денес и официјално ќе раководи со градот Охрид во текот на наредните четири години.
Примопредавањето на фунцијата меѓу досегашниот и новиот градоначалник започна со кафе, пријателски разговор и потсетување дека во кабинетот влегуваат двајца пријатели кои ги делеле училишните клупи од прво одделение.
Досегашниот градоначалник Никола Бакрачески, честитајќи му го изборот на Стојановски, му посака успешна реализација на безброј проекти корисни за граѓаните на Охрид и успешно спарвување со предизвиците на овој град.
– Јован Стојановски го знам уште од основно образование, се знаеме уште од прво одделение, сме учеле заедно, генерациски сме биле поврзани и во Гимназија. Не се сомневам дека тој е личност која ќе знае како да ги менаџира проблемите и предизвиците на градот Охрид и знам дека ќе испорача многу проекти за доброто на охриѓани и градот. Затоа треба сите како охриѓани да се вложите себеси и да смогнете сили да му помогнете на новиот градоначалник на Охрид успешно да ги спроведе ветувањата и успешно да го води овој град кон една подобра иднина за охриѓани и едно посветло утре, рече Бакрачески.
Новиот градски татко изрази благодарност за сето она што досега го направил Бакрачески. Како луѓе секогаш треба да гледаме на позитивните работи и секогаш треба да ги надоградуваме работите кои нашите претходници ги направиле, истакна Стојановски.
– Посакувам Охрид да оди во еден позитивен правец и да го добива се повеќе она што го заслужува како бисер на Балканот и на нашата држава. Посакувам граѓаните да бидат трпеливи, но и упорни во остварување на нивните барање, меѓутоа во основа да знаат дека работите не одат секогаш брзо и едноставно. Сепак сме општина која има одредени проблеми, меѓутоа позитивно како човек се надевам дека во наредниот четиригодишен период ќе ги решаваме сите тие проблеми и ќе постигнеме развој за нашиот град и она што сите го очекуваат да Охрид стане престолнина на Република Македонија. Посакувам да имам одлична соработка со општинската администрација, да работиме во една мирна, тивка и професионална атмосфера, сите заедно да ги остваруваме и проектите, но и тековните програми, подвлече Стојановски.
Тој потенцира дека ќе биде градоначаник на сите граѓани на Општина Охрид и сите заедно ќе се трудиме да го постигнеме очекуваниот развој.
Она што како приоритети ги наведе Стојановски за почетокот на мандатот ги наведе скенирање на финансиската, организационата и техничката поставеност на јавните претпријатија и општинската администрација, како и изработката на Буџетот за 2018 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес