Охрид, 23. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – На 27-ми овој месец, во галеријата „Прима Центар“ во Берлин ќе биде отворена изложбата „Страст за носталгија“ на сликарот Сашо Блажес.
На ова прво претставување на авторот пред Берлинската публика ќе бидат изложени дела од неодамнешната изложба во галеријата „Робевци“ како и дел од најновото творештво заокружени со истиот наслов – „Страст за носталгија“.
Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска – Михајловска.
– Најновиот циклус слики на Сашо Блажес под наслов „Страст за носталгија“, изработени во последните неколку години (2015-2017) се состои од серија портрети кои навидум реферираат на класичниот поим и постапка во нивната изработка. Овие портрети на познати личности и блиски лица се впечатливи преку деконструкцијата на претставениот лик, деконструкција која може да се толкува како преобразување на фактичката појавност преку навлегување во структуралните седименти кои ја конструираат личноста. Самиот автор ја дефинира појавноста во своите претходни дела како „спомени“, „огледала на реалноста“, „наративи“, „различни реалности“, претставени преку комбинација на различни колористички апстрактни и/или фигуративни фрагменти. Притоа, бојата кај Блажес е изразен елемент со своја ликовна и знаковна автономија во решавањето на плохата на сликата и дефинирањето на карактерот на претставената физиономија, а вибрантните колористички решенија асоцираат на поглед во замаглено огледало. Раслојувањето на површината на овие апстрахирани портрети, преку користење на бојата во својата натуралистичка звучност, длаби под појавната суштина, со што се добива поинаква, дури мистична смисла и функција на портретот. Задржувајќи мноштво од препознатливите елементи и претходно присутни во неговите дела, сепак, евидентно е дека во последниот циклус тој е повеќе фокусиран на психолошко восприемање на моменти од стварноста кои се однесуваат на конкретен лик, експериментирајќи со слоевитата структура и инсистирајќи на тенденциозната деформација на фацијалните елементи. Инсистирањето на „уловените“ моменти, или фрагменти, кореспондираат со насловот на овој циклус „Страст за носталгија“ преку толкувањето на суштината на „моментот“ и неговото основно значење – како многу кус и минлив временски период. Користејќи примери од историјата на уметноста, поп (шунд) културата на едни поранешни времиња, како и свои пријатели (и себе си), Блажес не само што допира до иронизирање на интимните психолошки доживувања, туку завлегува и во доменот на социјалната антропологија преку критички однос кон “иконите“ на масовната уметност и култура. Неговите „наративи“ се одраз на лицето и опачината на еден специфичен естетски формализам, но и своевидна пост-поп артистичка носталгична референца на одредени трагови и симболи од минатото, вели Чанкуловска-Михајловска.
Сликарот Сашо Блажес е роден во Охрид, 1980 година. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Букурешт, Романија во 2006 година, каде ги завршува и Магистерските студии две години подоцна. Има изложувано на бројни самостојни и групни изложби во земјата и странство. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива