Охрид, 26. октомври 2017 (ОХРИДПРЕС) – Приказната за „Човекот-делфин“ во режија на Лефтерис Чаритос ќе може да ја погледне и охридската публика.
Ова е воодушевувачката приказна за легендарниот Жак Мајол, кој во 1976 година прв ја достигна длабочината од 100 метри со слободно нуркање. Ретки архивски исечоци и неверојатни современи подводни снимки ни го доближуваат животот на човекот-делфин, кој е главната инспирација и за „Големото синило“ на Лик Бесон.
Во секој од нас спие по еден делфин, вели човекот кој ги помести границите на човечкото тело и ум, но не заради рекордите, ами заради слободата што се раѓа во длабокото, каде што синото повеќе не е сино, каде што небото и чувствата стануваат сеќавања, каде што тишината е потполна, а времето не постои.
Охридската премиера на филмот ќе биде на 3-ти ноември во Центарот за култура „Григор Прличев“, со почеток во 20:00 часот, а цената на билетот ќе биде 100 денари. Покрај во Охрид, филмот ќе се прикажува и во Скопје и Струга. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива