Македонија

Груевски: Опозицијата работи за странски служби, се зголемуваат платите на полицијата

Штип, 29. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот на Република Македонија и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски ги опиша како „лажни, монтирани и дел од сценарија“ доказите за криминал и корупција, кои ги објавува опозицискиот лидер Зоран Заев.

Груевски денес напомена дека „Заев работи и служи на странски служби“. Од Штип премиерот Груевски вети драстично зголемување на платите на над 10.000 вработени во Министерството за внатрешни работи, кое ќе започне уште во месец април.

Во аудио снимките кои како „Бомби“ ги објавува лидерот на СДСМ Зоран Заев „главни ликови“ се токму Груевски и неговите најблиски министри.

– Вистината не може да се заснова на лаги, монтажи и сценарио, чии жиранти имаат за цел дестабилизација на земјата, а нејзините изведувачи да дојдат на власт, рече Груевски на партискиот митинг во Штип. „Вистината не може да биде на оној кој извршува туѓа нарачка и шири провокации и гнев. Тоа може само да ја одрази вистината за неговата личност и неговата духовна состојба. Ништо друго и ништо повеќе“, рече Груевски и додаде – „Оние кои го измислија ова сценарио нема да успеат. Народот го има последниот збор, а не некои заблудени и очајни политичари во опозицијата кои немаат доблест и маршираат врз сопствената земја и народ“, рече Груевски.

Според него опозицијата имала за цел да испровоцираат не само политичка, туку и етничка дестабилизација која ќе доведе до тежок конфликт.

Вчера пред националната телевизија МРТВ се одржа голем митинг на опозицијата против задушувањето на слободата на говорот од страна на Груевски и неговата влада. Водачот на движењето „Достоинство“, генерал Стојанче Ангелов вети дека ќе му даде 1 милион евра награда на обвинителот, ако го уапси премиерот Груевски.

– Откако разбравме дека за само два автопати зеле 25 милиони евра поткуп, може само да претпоставиме колку се украдени од проектот „Скопје 2014“, од гасоводот и од останатите инфраструктурни проекти во републиката. Ако обвинителите беа чесни и храбри, досега ќе беа уапсени половина министри од владата. Ние секојдневно ги повикуваме да ги почитуваат законите, а Груевски и неговите министри да поднесат оставки. Тоа е единствениот начин барем малку да си го исчистат лицето, рече генерал Стојанче Ангелов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави