Охрид, 4. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утревечер премиерно ќе биде изведена најновата претстава на Охридскиот народен театар, „Баал“, работена по текст на Бертолт Брехт, во режија на Андреј Цветановски.
Ова е втора премиера на театарот годинава, а четврта соработка со Цветановски, кој воедно ја режираше и „Метаморфози“, првата претстава на институционализираниот театар во Охрид.
Во претставата игра речиси целата екипа на театарот: Горан Стојаноски, Никола Тодороски, Јасмина Билаловиќ, Адријана Билаловиќ Тодороска, Стрезо Стаматовски, Биљана Билаловиќ Вељаноска, Павел Маслов, Филип Кипровски, а гостуваат и двајца млади актери Дамјан Цветаноски и Тони Денкоски.
Режисерот е задоволен што после пет години повторно е во Охрид и соработува со нашите актери. Вели создадовме една моќна претстава.
– Во овој текст, Брехт созадава антијунак којшто треба да ги сруши сите маски и лицемерни постапки на едно општество. Во нашата претстава тој го прави тоа, но води и разговор сам со себе, со својата совест и во тој конфликт води борба против мааните на општеството, но и борба сам со себе. Тоа е всушност главна појдовна точка. Ова е универзален текст, секогаш актуелен. Тој не зборува точно за едно општество, туку за мааните на човекот во општеството. Се додека постои било какво уредување, мора да постои и бунтовник, некој Баал, вели Цветановски.
Ликот на Баал го толкува актерот Горан Стојаноски. Баал е името на еден човек кој се бори против конвенционалноста. Она што е важно да се знае е етимологијата на името. Баал е всушност име на бог пандан на Дионис. Претставата има еден специфичен вид на енергија, исполнета со емоционална сила, истакна Стојановски.
– Комерцијализмот, се она што го промовира индустријата е практично едно ропство на човекот. Такво едно ропство кое му е ставено на духот, една таква потенцијална сила наречена Баал или животинска природа, се бори против сето тоа, доведувајќи се до ситуација да се деструктивизира себеси како укажување дека луѓето имаат право да живеат слободно. Овој човек со сета своја животна сила и потенцијал прави обид да го демаскира и општеството. Практично неговата желба и идеа е да им покаже на луѓето да бидат природни, со сиот свој човечки потенцијал. Од аспект на општеството го гледаме како превртен лик, некој што не се совпаѓа. Тој е преискрен, пречувствителен,прекреативен, со одредени полубожји потенцијали, вели Стојановски.
Никола Тодороски го игра ликот на Екарт, најдобриот другар на Баал. Тој го прати и цело време е присутен во Баал, на некој начин ја претставува неговата совест. Баал всушност е распнат помеѓу борбата со општеството и истовремено внатрешната борба со неговата совест.
Премиерата на „Баал“ е со почеток во 20:00 часот. Со оваа претстава всушност почнуваат чествувањата за одбележување на празнкот на патронот на Охрид, Св.Климент Охридски.
Вечерва во истиот термин ќе биде изведена претпремиера на „Баал“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/Народен театар Охрид