Охрид, 14. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вест за промоцијата на првата поштенска марка за „Децата со ретки болести“ е објавена и во последното издание на британскиот магазин „RareRevolution“.
Македонската филателија од октомври минатата година е побогата за уште една поштенска марка, „Деца со ретки болести“, со што Република Македонија стана правата земја во светот што испечатила примерок на поштенска марка посветен на децата со ретки болести.
Идејата потекна од Гордана Лолеска, вработена во Македонска Пошта А.Д., подружница Охрид, која е член и волонтер на здружението „Живот со предизвици“. Лолеска за Супер радио и OhridPress вели дека промоцијата на поштенската марка за деца со ретки болести и нивните семејства во светско списание не е само чест и привилегија за нас како помала група граѓани и мала заедница како што сме ние ретките.
– Тоа истовремено значи и промоција на нашата држава во светски рамки, бидејќи за да успее една ваква акција е потребна идеја, мотивација, поддршка од пријатели, од соборци за да се истрае и да се реалозора. Но штом и премиерот разбра и ја поздрави нашата иницијатива, ни дава оптимизам и надеж дека сите активноати посветени на ретките ќе доведат и до подобрени мерки за унапредување на состојбата за сите пациенти со ретки болести, и од медицински и од социјален аспект, но и за поголема општествена грижа за нас, вели Лолеска.
Автор на поштенската марка со номинална вредност од 48 денари е дизајнерот на Бирото за филателија, Лоран Куфало, а е издадена во тираж од 6.000 примероци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива