Избор Македонија Охрид

Заев: Охрид треба да се гради, но не со проекти од Индија и Дубаи

Скопје, 22. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Премиерот Зоран Заев одговарајќи на пратенички прашања рече дека Владата ја прекинала, како што вели, помпезната најава на градби во Охрид.

– Градот треба да се развива, но не со проектите на претходната власт кои доаѓале од Индија, Дубаи за грандиозни хотелски проекции и окупација на културното богатство и природа, рече Заев.

Тој додаде дека во Охрид ќе се работи по туристичката сезона, за градот да може да ги користи капацитетите. Владата предвидела и градба на спортски и рекреативни содржини за туристичката сезона да трае и по летото.

Премиерот рече дека Владата по разгледувањето на препораките од УНЕСКО за Охрид го укинала планот за градење  ски-центар на планината Галичица. Заев рече дека нема да се гради ниту дел од патот А3 (Охрид-Св. Наум), а парите, вкупно 86 милиони евра, се пренаменети за изградба на магистрални патишта. Овие патни правци, рече Заев, ќе се градат ако УНЕСКО даде согласност.

– УНЕСКО има кажано дека планираните работи и проекти на претходната власт грубо ги кршат сите УНЕСКО-стандарди, а се опасност по животната средина и културното наследство. Ќе видиме што ќе правиме со коридорот осум и железничката пруга од Кичево. Охрид треба да се развива, ама според законски регулативи. Сета активност што ќе продолжи ќе биде со консултации, на транспарентен начин, рече Заев. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави