Избор Охрид

Промената на цената на водата за позицијата се темели на законска обврска, за опозицијата сметките се високи, а паушалните 70 денари се неуставни

Охрид, 1. март (ОХРИДПРЕС) – Утврдувањето на тарифите за вода и за собирање и одведување на урбани отпадни води за регулиран период 2018-2020 година предизвика дебата и бурна расправа меѓу советниците од власта и опозицијата.

Координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков рече дека по овој однос реагирале неколку пати. Зголемувањето на цената на водата по корисник е околу 130 денари, а не паушалните 70 во кои не убедуваше локалната.

– Кога ја носеа одлуката разговараа дека цената ќе се зголеми само за оние фиксни, 70 денари, кои патем се неуставни. Цената за колекторот е зголемена од 10,20 на 16,5 денари по метар кубен, се воведува нова давачка за одржување на водоводен систем од 70 денари и плус пресметан ДДВ на оваа сума, вели Пецаков.

Зголемувањето на тарифата за вода е согласно законот донесен од претходната власт на Никола Груевски. Во 2016 година со Указ на претседателот Ѓорге Иванов е донесен законот за регулирање на овие комунални услуги. По тој закон се работело и изминатиов период со тоа што во периодот на изборите беше прекината постапката околу утврдување на цените на овие два надоместоци, истакна градоначалникот Јован Стојаноски.

Пецаков потврди дека процедурата е започната во време на ВМРО ДПМНЕ.

KirilPecakov

– Сега се тие на власт и тој компаративен метод кој го спроведуваат како локална власт, споредувајќи се со минатата гарнитура, треба да е минато, додаде Пецаков.

Градоначалникот истакна дека цените ги одредува Регулаторната комисија којашто за жал е во истиот тој состав од 2016 година. Оттаму се утврдува рамката која МЈП „Проаква“- РЕ Водовод и „Нискоградба“ треба да ја остварат.

– Тука имавме две варијанти. Или да ја подигнеме цената по еден метар кубен потрошена вода на „Водовод“ истото важи и за „Нискоградба“. Тоа би значело дека цената за еден метар кубен вода би се подигнала од 25 на 39 денари. Ние пристапивме кон поинаков начин на промена на цената за вода, a тоа е од 25 се променува на незначителни 25,52 денари, а се воведува паушален надоместок којшто го плаќаат сите и резиденти и нерезиденти. Сметавме дека на ваков начин ги заштитуваме граѓаните на Охрид затоа што овој паушал досега не го плаќале оние коишто не се резиденти односно постојани жители на Охрид. Ваквиот бизнис план беше исто така воспоставен од претходниот директор на ЈП „Водовод“ којшто беше од ВМРО- ДПМНЕ, потенцира Стојаноски.

jovanstojanovski

Тој додаде дека ако не се пристапело кон прилагодување на цените, Регулаторната  комисија во рок од 150 дена ќе ја променеше цената за вода на 39 денари по кубен метар, а општината ќе беше прекршочно казнета по четири основи.

Стојаноски подвлече дека додека не се реши проблемот со колекторот кој е еколошка „бомба“ и сериозна опасност за Охрид и Македонија, ќе имаме високи сметки.

Според координаторот на советничката група на ВМРО ДПМНЕ ние како локална не сме биле обврзани да го почитуваме она што го носи Регулаторната, наведувајќи ги примерите на скопскиот и велешкиот градоначалник кои се споротивставија на промените.

На крајот на расправата, мнозинството советници не ја прифатија точката за  утврдувањето на тарифите за вода и за собирање и одведување на урбани отпадни води за регулиран период 2018-2020 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

 

 

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука