Избор Струга

Стружани го кренаа гласот против Законот за јазиците и промена на името на државата

Струга, 25. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Повеќе од 200 граѓани на Струга денес одржаа мирен собир пред јарболот на патот Струга-Охрид, на влезот во селото Мислешево.

Присутните протестираа против како што велат „анти-државните, анти-уставните и анти-македонските одлуки на нелегитимната влада“.

– Целта на овој собир е да се искаже незадоволство на анти-државни, анти-уставни и анти-македонски одлуки на нелегитимната влада. Како и во минатото кога беше загрозен нашиот интегритет и суверенитет, одговоривме како што знаеме и можеме во неколку наврати. Во 2004-та година, кога се носеше наметнатиот закон за територијална поделба одговоривме народно, семакедонски и надпартиски, се` со цел да си ги заштитиме нашите права, нашиот дом. Сметаме дека во овие моменти, слично или исто ни е загрозен нашиот устав, интегритет, суверенитет и унитарноста на нашата држава, а ние како граѓани на нашата држава сме должни тоа да си го браниме, истакнаа присутните.

На протестот свое обраќање имаа и членови на  граѓанската иницијатива „Македонија пред сè“  кои ги истакнаа нивните барања: повлекување на насилно донесениот закон за јазици, поништување на таканаречениот договор за добрососедство со Бугарија, неменување на уставното име на Република Македонија со цел влез во НАТО и ЕУ и ослободување на сите притворени и осудени поради настаните во Собранието на Република Македонија од 27.04.2017 година.

Вакви собири деновиве се одржаа во неколку градови низ Македонија, а денес ваков протест се одржа и во Охрид. (Крај)

извор и фото: Strugaonline

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави