Избор Охрид Хроника

На пукањето од огнено оружје синоќа во Охрид, му предходеле две тепачки

Охрид, 4. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Секторот за внатрешни работи од Охрид објави детали од синоќешните инциденти кои се случија во центарот на градот.

СВР Охрид лиши од слобода шест лица од Охрид, по нарушувањето на јавниот ред и мир на неколку локации. Дел од учесниците во инцидентите, најпрво во ноќните часови, околу 01 часот по полноќ, во еден кафе бар лоциран на булеварот „Македонски просветители“ предизвикале тепачка.

Овој настан предходел на инцидентот кој се случил во подоцните ноќни часови, кога бил нарушен јавниот ред и мир со пукање со огнено оружје – пиштол на улицата „Лазо Трпоски“ во Охрид. Инцицент имало и во Општата болница во Охрид, каде биле префрлени дел од повредените во тепачката во кафе барот.

– Дополнително на разрешување на овој случај ќе се работи и денес. СВР Охрид лиши од слобода шест граѓани Охрид, за кои постои основано сомнение дека се учесници во нарушувањето на јавниот ред и мир во кафе барот, во болницата, како и неовластено пукање со огнено оружје. Во обид да се спречи нарушувањето на јавниот ред и мир во Општата болница во Охрид, нападнат е еден полициски службеник, кој се обидувал да ги смири учесниците во инцидентот и да не дојде до поголем обем на физичка пресметка. Полицискиот службеник во моментов е на домашно лекување и има лесни телесни повреди. СВР Охрид нема да дозволи самоволие и насилство на групи или поединци. Секој оној кој спротивно ќе делува, ќе биде соочен со брза, професионална и ефикасна полициска реакција, истакнаа од СВР Охрид.

Четири лица, кои биле во алкохолизирана состојба најпрво вербално се пресметале во кафе барот, а потоа и физички, разменувајќи си повеќе удари со тупаници, но и со фрлање на чаши и шишиња и друг инвентар од кафе барот. Меѓусебното недоразбирање било главната причина за оваа пресметка.

Во второто нарушување на јавниот ред и мир, кое се случило во болничкиот хол во Општата болница Охрид, учествувал родител на еден од учесниците во тепачката во кафе барот, и две лица кои предходно биле вклучени во првиот инцидент.

Што се однесува до пукањето на улицата „Лазо Трпоски“, за среќа нема повредени лица.

– Пукањето го извршило едно од лицата, кое предходно учествувало во тепачката. Лицето со патничко моторно возило застанало пред домот на еден од спротивната група на улицата „Лазо Трпоски“, каде со огнено оружје – пиштол кон куќата испукал повеќе проектили. До овој момент ние работиме на целосно расветлување на случајот при двете нарушувања и пукањето. Во текот на денот ќе бидат поднесени кривични пријави по неколку основи за сите учесници во нарушувањето, додаваат од СВР Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави