Избор Спорт

Се е подготвено за првиот Меѓународен меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“

Охрид, 27. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – На стадионот „Билјанини извори“ утре ќе се одржи првиот Меѓународен меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“.

Основна цел на ова прво издание беше да започнеме една традиција со која барем малку ќе му се оддолжиме на професорот за неговите дела и посветеност на атлетиката.Нашата иницијатива наиде на големо разбирање кај Атлетската федерација на Македонија и со нивна значајна помош решивме заедно да ја почнеме оваа традиција, истакна претседателот на АК „Охрид“, Пецо Неданов.

peconedanov

– Првата дисциплина фрлање диск ќе започне во 12:30 часот, а останатите од 13:00 часот. Како меморијална дисциплина ќе биде скок во далечина во машка и женска конкуренција во која професорот Влатко Димитров имаше најдобри достигнување со своите атлетичари и во која и ден денес држи рекорди на Република Македонија, потенцира Неданов.

Благодарност до АК „Охрид“ и АФМ за ваквата иницијатива изрази сопругата на професорот Димитров, Надица Димитров.

nadicadimitrov

– Со овој меморијален митинг делото на Влатко ќе живее. Благодарам на атлетичарите и на новиот тренер кој се надевам ќе продолжи по стапките на Влатко, рече Димитров.

Претседателот на Атлетската федерација, Крсте Серафимоски потенцира дека АК „Охрид“ токму благодарение на Димитров држи многу рекорди во повеќе дисциплини.

krsteserafimoski

– Димитров остави големи дела во атлетиката. Тој беше на многу функции во АФМ, меѓутоа како круна на неговата кариера беше изборот за селектор и во два мандати ја водеше македонската атлетска репрезентација, која се враќаше со бројни медали од Балкански и Европски првенства. Верувам неговите наследници ќе продолжат со исто темпо. Верувам во Охрид бидејќи има идеални услови за работа и АФМ ќе стои зад овој натпревар кој ќе стане традиција, подвлече Серафимоски.

Новиот тренер на АК „Охрид“, Миле Јовановски зборуваше околу дисциплините кои ќе бидат застапени на митингот.

milejovanoski

metaliatletika

– Ќе имаме натпреварувања како во тркачки, така и во скокачки и фрлачки дисциплини. Од спринтовите ќе има 100 и 400 метри машка и женска конкуренција, 1500 и 3000 метри со пречки или стиплчез во машка и женска конкуренција, скок во далечина, скок во височина, и од фрлачките дисциплини се застапени копје, диск и ѓуле за машки и диск и ѓуле во женска конкуренција. Со оглед на големиот број натпреварувачи очекуваме одлични резултати, а зошто да не биде соборен и некој од актуелните рекорди, рече Јовановски.

plakat atletski miting

За атлетскиот митинг за кој ќе има и livesteam, досега се пријавени околу 140 натпреварувачи од Македонија, Србија, Косово, Црна Гора и Бугарија.

Тенденција е овој атлетски митинг да стане традиционален и да се одржува секоја година во последната сабота од месец април. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука