Избор Охрид

Водостојот на Охридското Езеро е за 42 сантиметри над нултата кота

Охрид, 6. април 2015 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро деновиве постојано се зголемува како резултат на поволниот хидролошки период во кој има интензивни врнежи до дожд.

Како што информираат од хидролошкото одделени во Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на езерската вода во саботата било за 37 сантиметри над нултата кота, во текот на вчерашниот ден пораснало за еден сантиметар, а од вчера до утрово е за цели 42 сантиметри над нулата и се наоѓа на 693,59 метри надморска висина.

Зголемување на водостојот на Охридското Езеро, како што појаснуваат хидролозите, се очекува и во текот на наредниот период заради зголемените водостои на реките што се влеваат во езерото, како и заради површинските и подземните извори.

Инаку во текот на изминатите 24 часа во Охрид наврнаа 27 литри дожд на метар квадратен. Според синоптичарите, и денеска ќе има повремени врнежи од дожд, во повисоките места од дожд и снег, а на планините снег. Ќе дува умерен до засилен северозападен ветер. Поради заладувањето од север, во вечерните часови врнежите од дожд ќе преминат во снег и на пониските места во западните и северните делови од земјава.

Во вторник врнежите ќе бидат претежно од снег со слаб до умерен интезитет, поради што на планините ќе има натамошно зголемување на снежната покривка.

Од четврток следува период на стабилно време, со ниски утрински температури, а дневните ќе бележат значителен пораст. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука