мај 4, 2018

Охрид, 4. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вечерва во Галеријата „Робевци“ во Охрид ќе биде отворена изложбата „Бисерно синило“ на ликовниот уметник Блашка Ми Ева.

– На изложбата ќе биде преставен најновиот циклус дела на авторот изработени во акварелна техника. Изложбата ќе трае до 17-ти мај оваа година, информираат организаторите.

– Насловот на изложбата, „Бисерно синило“ е всушност наслов на едно дело, кое е и носечко дело. Бисерно синило претставува симбиоза на водената шир и небото, каде се создаваат одблесоци и рефлексии од сончевите зраци, каде навидум изгледа како бисери да се движат по површината. Бисерот како една рефлективна форма која со своите нежни нијанси на светло сини, светло розови, светло жолти бои, создаваат богатство на бои кои се и повеќе од доволно за инспирација на овој циклус, вели авторот.

Свеченото отворање на изложбата е закажано за 20:00 часот.

Блашка Ми Ева е родена 1986 година во Скопје. Дипломира на факултетот за ликовни уметности во Скопје, на отсекот сликарство под менторство на проф. Вело Ташовски, со подотсек, конзервација и реставрација на фрески и икони. Има завршено средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот текстил и облека кај професорката Лира Грабул. Добитник е на наградата најдобар студент на генерација за 2008/1009 година на УКИМ. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Република Македонија. Има реализирано 5 самостојни изложби во Скопје и многубројни групни изложби во земјава и надвор од неа. Активно работи на полето на дизајн на накит веќе 15 години. Живее и работи во Скопје. Селектирани реализирани изложби: Самостојна изложба во МКЦ Скопје 2009, Самостојна изложба во Креактив Скопје 2011, Групна изложба во Прима Центар Берлин во Берлин 2013 година, Инсталација на Бела Ноќ – Скопје, МКЦ 2014, Самостојна изложба на мозаици, Концепт 37, Скопје 2014, Учество на Саем за современа уметност – Paratissima Skopje 2016, Самостојна изложба на цртежи во Домот на култура во Гостивар 2016 и Самостојна изложба на цртежи – Музеј на Град Скопје во 2017 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука