Економија Избор Охрид

Лукас Бисиас: До крајот на годинава Веро и Џамбо доаѓаат во Охрид

Скопје/Охрид, 7. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Компанијата „Веропулос“ викендов го отвори својот осми маркет во Скопје, а до крајот на годинава треба да го отвори првиот маркет и во Охрид.

За време на 21 година откако е присутна на македонскиот пазар, оваа компанија отвори 12 маркети во три градови во земјава и четири продавници „Џамбо“. Генералниот директор на компанијата „Веропулос“ во Република Македонија, Лукас Бисиас, во интервју за фактор.мк вели дека не планираат да запрат тука и дека бизнис-стратегијата им е насочена кон натамошно проширување и во други градови во земјава.

– Во текот на изминатите 20-тина години, Веро изгради цврсти врски на доверба и лојалност. Затоа и идните планови се поврзани со отворање нови продажни места, но и реновирање на постојните маркети за да овозможиме уште попријатно искуство за потрошувачите. До крајот на годинава планираме да отвориме Веро маркет во четврт град во Македонија, а тоа ќе биде Охрид, каде што ќе има Веро и „Џамбо“ маркет. Генерално, нашата стратегија за во следниот период е да отвораме по два нови маркета секоја година, вели Бисиас.

verojumboОбјектот на Веро и „Џамбо“ во Охрид ќе биде лоциран во новата современа автобуска станица, која ја стопанисува компанијата „Делфина турс“.

– Трговскиот центар ќе се протега на површина од над 10.000 м2. Веро и „Џамбо“ ќе зафаќаат површина од 2.000 м2, супермаркетот ќе биде со површина од 1.000 м2 и уште исто толку магацински простории во подземниот простор, информираат за Супер радио и OhridPress од „Делфина турс“.

Додаваат дека веќе постои интерес за закуп и на преостанатите деловни простории во рамки на трговскиот центар, за кои преговорите ќе ги води скопска фирма. (Крај)

извор: Фактор.мк/ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука

Слични објави